Прилеп синоќа повторно го привлече вниманието на јавноста со почетокот на една од најпосетуваните летни фестивалски манифестации во Македонија. Со голем број посетители од земјата и дијаспората официјално започна 23. издание на „Пиво Фестивал“, кое и оваа година ги обедини љубителите на добрата музика, ладното пиво и препознатливата прилепска скара.


Првата фестивалска вечер ја посети и премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на една од најзначајните туристичко-забавни манифестации во државата.
Официјалното отворање, проследено со традиционалната здравица со која беше означен почетокот на фестивалот, беше дел од првата фестивалска вечер, која понуди богата музичка програма. Вечерта ја отвори диџеј сет, по што настапија Bongas & Guitares и Огнен Здравковски, а кулминацијата беше концертот на Џенан Лончаревиќ, кој со своите најголеми хитови ја воодушеви бројната публика. Забавата продолжи и на Камената бина, каде настапи SAJO, додека голем број посетители останаа во фестивалската зона до раните утрински часови.

Годинава посетителите имаат можност да уживаат во понудата на пет пивари со повеќе од 20 видови пиво, богата гастрономска понуда, како и дополнителни содржини – Фан зона, Детска зона и Алтернативна сцена, кои дополнително ја збогатуваат фестивалската атмосфера.
Фестивалот продолжува и во текот на викендот со нови музички содржини.
Вечерва (18 јули) програмата на главната сцена ја продолжуваат Lockdown и Јордан Митев, а главна музичка ѕвезда на вечерта ќе биде Милица Павловиќ. На Камената бина ќе настапи АСИКА.
Во недела (19 јули) посетителите ќе можат да уживаат во настапите на Марјан Коцев и рок бендот The Hounds, а завршницата на фестивалот ќе ја одбележи концертот на Јелена Розга. На Камената бина ќе настапи MR. SPECT.

















