СО КОНЦЕРТОТ „ЗВУЦИТЕ НА ГРАДОТ“ ПРОДОЛЖУВА ТРАДИЦИЈАТА НА НЕГУВАЊЕ НА СТАРОГРАДСКАТА МУЗИКА ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп синоќа се одржа четвртото издание на Вечерта на староградска музика „Звуците на градот“, која и оваа година ги обедини љубителите на македонската староградска песна.


Пред бројната публика настапија Пејачката група „Орхидеја“, КУД „Преродба – 24“, Здружението на пензионери – Крушево, Октет „Прилеп“, КУД „Пензионер“ – Прилеп и КУД „Пере Тошев“. Секој од ансамблите се претстави со внимателно избран репертоар од познати староградски песни, пренесувајќи ја убавината на музиката што со децении е дел од македонската културна традиција.
Публиката со внимание и аплауз ги проследи настапите на сите учесници, уживајќи во двочасовната програма исполнета со препознатливи мелодии, емоции и музички бисери кои се пренесуваат од генерација на генерација.


Со успешната реализација на четвртото издание на „Звуците на градот“ продолжува традицијата на негување и афирмација на македонската староградска музика, потврдувајќи дека интересот за овој музички жанр и понатаму е голем. Настанот беше организиран од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со поддршка од Министерството за култура и туризам.


Сподели на социјалните мрежи