Проектот „Од 0 до КултурА“, кој секој четврток ја оживува Камената бина во Прилеп, продолжува и оваа недела со концерт на култниот битолски бенд „Паркети“.
Концертот ќе се одржи на 30 јули (четврток), со почеток во 21 часот, на Камената бина на плоштадот „Александрија“.
„Паркети“ се еден од најпрепознатливите алтернативни рок-бендови во Македонија, кој повеќе од три и пол децении е присутен на домашната музичка сцена. Во текот на своето долгогодишно творештво изградија автентичен музички израз, препознатлив по оригиналниот звук, римуваните и често апстрактни текстови, како и по искрените љубовни песни.
Зад себе имаат два студиски албума – „Грижа на совеста“ (1996) и „Газирана хармонија“ (1998), а нивниот репертоар опфаќа песни кои и денес се омилени кај повеќе генерации љубители на домашната рок-сцена.
Општина Прилеп ги поканува прилепчани и посетителите да бидат дел од уште една музичка вечер во рамките на манифестацијата „Од 0 до КултурА“, која и ова лето носи разновидна културна програма на Камената бина.















