ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА НАБАВИ 13 НОВИ КЛИМАТИЗЕРИ И ОБЕЗБЕДИ ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА КОМУНИКАЦИЈА СО ПАЦИЕНТИТЕ

Сподели на социјалните мрежи

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Борка Талески – Прилеп продолжува со вложувањата во подобрување на условите за работа и опремувањето на установата. Во изминатиот период болницата реализира повеќе набавки и инвестиции, дел со средства од Министерството за здравство, дел преку донации од компании и здруженија на граѓани, како и со сопствени средства.
Најновата набавка, за која информираше раководството на болницата, е реализирана со обезбедена субвенција во износ од 350.000 денари, со која се набавени вкупно 13 климатизери.
Од нив, 10 се со капацитет од 3,5 кW, по единечна цена од 23.999 денари, во вкупна вредност од 239.990 денари, а три се со капацитет од 5,5 кW, по цена од 36.499 денари за уред, односно во вкупна вредност од 109.497 денари.
Вкупната вредност на набавката изнесува 349.487 денари, со што речиси целосно се искористени средствата од обезбедената субвенција.
Покрај тоа, болницата информира дека се обезбедени субвенции за мобилните телефонски линии што се користат за директна комуникација на граѓаните со болничките одделенија, како и поволности за интернет-услугите од операторот. Според болницата, со ова ќе се овозможи побрза и поефикасна комуникација меѓу пациентите, граѓаните и болничките служби.
Од раководството посочуваат дека овие активности се дел од континуираните напори за подобрување на условите за работа, поефикасно функционирање на установата и унапредување на здравствените услуги што им се нудат на граѓаните. Според нив, рационалното користење на средствата и континуираните вложувања во опремата и условите за работа се дел од определбата за одговорно и транспарентно управување со јавната здравствена установа.


Сподели на социјалните мрежи