Во рамките на 56. издание на Интернационалниот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ – Битола, на 29 јули (среда), со почеток во 21 часот, на платото пред НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи концерт на два меѓународни фолклорни ансамбли.
Настанот е дел од Фестивалскиот караван на „Илинденски денови“, преку кој дел од учесниците на фестивалот во Битола гостуваат во други градови и ја претставуваат традицијата, музиката и танците од своите земји пред поширока публика.
Пред прилепската публика ќе настапат Ансамблот „Балетски сабор Борикуа“ од Агуадила, Порторико и Фолклорниот ансамбл „Топлан“ од Гиралтовице, Словачка, кои се годинашни учесници на 56. издание на Интернационалниот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ во Битола.
Организатори на концертот се Општина Прилеп и НУЦК „Марко Цепенков“, во соработка со фестивалот „Илинденски денови“.
„Балетски сабор Борикуа“ е основан во 2008 година, а од 2015 година работи под сегашното име. Ансамблот е посветен на зачувување и промоција на порториканскиот фолклор, кој ги обединува шпанското, таино и африканското културно наследство. Од 2014 година е акредитиран од CIOFF – Меѓународниот совет на организатори на фолклорни фестивали и народна уметност, а со своите младински и возрасни состави настапува на бројни меѓународни фестивали, претставувајќи ја богатата традиција на Порторико.
Фолклорниот ансамбл „Топлан“ од Гиралтовице, Словачка, постои од 1973 година и повеќе од пет децении ја негува традиционалната словачка музика, песна и танц. Репертоарот се темели на фолклорот од регионите Горен Шариш и Земплин во источна Словачка, а ансамблот брои околу 40 членови кои настапуваат во автентични народни носии. Во текот на своето долгогодишно постоење ансамблот учествувал на бројни национални и меѓународни фолклорни фестивали.
Концертот во Прилеп ќе биде можност публиката да се запознае со богатството на две различни фолклорни традиции, како дел од фестивалскиот караван на „Илинденски денови“ – манифестација која повеќе од пет децении ги поврзува народите и културите преку фолклорот.

















