ДЕНЕСКА ВО БИБЛИОТЕКАТА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ – ДВЕ ИЗЛОЖБИ ПОСВЕТЕНИ НА РУСКАТА КУЛТУРА

Сподели на социјалните мрежи

Во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ денеска, 31 јули 2026 година, со почеток во 12:00 часот, ќе бидат отворени две изложби посветени на руската култура, во соработка со Амбасадата на Руската Федерација и Македонско-руското друштво од Прилеп.
„Истакнати културни дејци и достигнувања на Русија“ е насловот на првата поставка со фотографии – сведоштва за богатото руско културно наследство.
Посебно место во изложбата има Државниот академски „Бољшој театар“ – еден од најмаркантните симболи на руската култура и светски реномиран центар на оперската и балетската уметност, чија историја е нераскинливо поврзана со развојот на националната и интернационалната театарска сцена. Оваа институција годинава одбележува 250 години постоење и успешно функционирање.
Дел од поставката се и фотографии посветени на руските научници и просветители Михаил Ломоносов и Владимир Даљ, кои имаат значаен придонес во развојот на рускиот јазик, образованието и науката, надвор од националните рамки.
Посетителите, како што најавуваат од Македонско-руското друштво од Прилеп, ќе имаат можност да се запознаат и со наследството на Александар Афанасјев, познат собирач на рускиот фолклор, благодарение на кого се зачувани единствени примери на руското народно творештво.
Втората изложба ги претставува делата од руски автори што се наоѓаат на полиците на библиотеката. Дел од поставката се и книгите што Амбасадата на Руската Федерација минатата година ги донираше на установата.
Со овој настан, библиотеката „Борка Талески“ ја потврдува долгогодишната плодна соработка со Амбасадата на Руската Федерација.


Сподели на социјалните мрежи