„ПАРКЕТИ“ ГО РАЗДВИЖИЈА ПРИЛЕП СО РОКЕНРОЛ ЕНЕРГИЈА НА КАМЕНАТА БИНА

Сподели на социјалните мрежи

Бројна публика на рок-музиката синоќа се собраа пред Камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп, каде што во рамките на проектот „Од 0 до КултурА“ настапи култниот битолски бенд „Паркети“.
„Паркети“ ја донесоа својата препознатлива енергија и звук, потсетувајќи зошто повеќе од три и пол децении се едно од најзначајните имиња на македонската алтернативна рок-сцена.
Со своите добро познати песни, оригиналниот музички израз и специфичниот сценски настап, бендот приреди вечер исполнета со рокенрол енергија, а публиката уживаше во изведбите и пееше заедно со музичарите.
Формирани во Битола во 1991 година, „Паркети“ во текот на своето повеќедецениско творештво изградија препознатлив стил и оставија значаен белег на домашната алтернативна музичка сцена. Со два студиски албума – „Грижа на совеста“ (1996) и „Газирана хармонија“ (1998), како и со бројни песни кои останаа запаметени кај повеќе генерации, бендот и денес има верна публика.
Фронтменот на „Паркети“ во текот на настапот упати поздрав до прилепските музичари и локалната рок-сцена, истакнувајќи дека во Прилеп има квалитетни бендови и млади луѓе од кои во иднина се очекуваат уште многу успешни музички приказни.
Настапот на „Паркети“ беше уште една успешна музичка вечер во рамките на проектот „Од 0 до КултурА“ на Општина Прилеп, кој и ова лето ја оживува Камената бина и им овозможува на прилепската публика и посетителите да уживаат во различни културни и музички содржини.


Сподели на социјалните мрежи