РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ ЗА КЛУБ ДЕНИЦА: „ФОТОГРАФИЈАТА Е СВЕДОШТВО ЗА ВРЕМЕТО ВО КОЕ ЖИВЕЕМЕ“

Сподели на социјалните мрежи

Роберт Јанкулоски е едно од најзначајните имиња на современата македонска фотографија и визуелна уметност. Роден во Прилеп, тој со децении успешно го гради својот авторски пат како фотограф, кинематографер, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и истражувач на фотографското наследство. Неговото творештво е препознатливо и дома и во странство, а преку бројните изложби, публикации и проекти остава значаен белег во македонската култура. За Клуб Деница разговараме за фотографијата, инспирацијата, родниот Прилеп и предизвиците на современото време.

Родени сте во Прилеп. Колку родниот град влијаеше врз Вашето формирање како човек и како уметник?
Прилеп е град исполнет со уметност. Некои дела ги создала природата, а други пак уметниците. Благодарение на мермерните скулптури распослани низ целиот град уште од најрани години се среќаваме со уметноста. Марковите кули имаа големо влијание во моето визуелно созревање. Исто така и дружењето со прилепските уметници во моите средношколски денови изврши силно влијание во моето уметничко формирање, во мојата одлука професионално да се занимавам со уметност. Пред сè мислам на секојдневното дружење со Богдан Грабулоски – Бонач кое продолжи и после моите студии.

Кога сфативте дека фотографијата нема да биде само интерес, туку Ваш животен повик?
Многу рано, уште во средношколските денови. Не постоеше друга опција. Иако во тоа време во Македонија не постоеја катедри по Фотографија и Камера, а студирањето во странство беше речиси невозможно поради распадот на Југославија. Чекав четири години да се отвори катедрата по Камера на Факултетот за драмски уметности во Скопје и станав дел од првата генерација на оваа катедра.

Што Ве привлекува кај фотографијата и по толку години активна работа?
Фотографијата. Сè уште сум подеднакво фасциниран како од историјата на фотографија така и од новите технологии кои го изменија процесот на создавање. Секојдневно сум окупиран со фотографија. Мислам дека фотографијата создава зависност од која не може да се оттргнете.

Како се промени фотографијата во дигиталната ера и дали денес е потешко да се создаде навистина вредна фотографија?
Дигиталната ера го забрза и поевтини процесот на создавање на фотографии. Што значи дека денес би требало да е полесно да се направи добра фотографија. Но, овој процес направи да се создадат голем број „безвредни“ фотографии затоа што се промени само носачот на светлосниот запис. Наместо сребро-желатинска емулзија сега фотографијата се создава преку сензор осетлив на светлина. Идејата, содржината, светлото, композицијата и другите фотографски елементи останаа исти. Развојот на фотографијата треба да го гледаме во музеите и галериите, да го следиме присуството на фотографијата на светските уметнички биеналиња, а не по фејсбук и инстаграм.

Во Вашата работа значајно место имаат архивите и старите фотографии. Што можеме да научиме од нив денес?
Старите фотографии ја чуваат нашата историја, тие се нашата визуелна меморија. Овие материјали сведочат за нашето минато, нашето културно наследство и нашиот идентитет. Преку старите фотографии го гледаме развојот на градовите, ја следиме модата, обичаите, важните настани и се запознаваме со значајни личности од историјата. За мене е многу важно да создадеме сопствена, македонска историја на фотографија. Да покажеме дека ние што сега се занимаваме со фотографија не сме без корен, туку многумина пред нас се занимавале со оваа гранка од уметноста. Се разбира дека треба да го имаме предвид времето во коешто живееле и работеле тие фотографи. Уживам кога работам со овие материјали и навистина сум горд што преку Македонскиот центар за фотографија создадовме фотографска колекција вредна за почит.

Како гледате на односот на нашето општество кон културното и фотографското наследство?
Македонските институции континуирано и професионално се грижат за зачувување на културното наследство, но институционалната грижа за старите фотографии е на релативно ниско ниво. Во Македонија не постои ниту една државна институција којашто посериозно се занимава со фотографија.

Какво е Вашето искуство како професор на Факултетот за ликовни уметности? Што најмногу се обидувате да им пренесете на студентите?
Работата со студенти секогаш е инспиративна. Тоа се креативни млади луѓе, сите со различни видувања на уметноста, различни амбиции, различни размислувања. Иако моите предмети „Фотографија“ и „Мултимедиумски уметности“ не им се примарни изразни медиуми, сепак има голем интерес за нив. Преку предавањата се трудам да ги насочам кон едно „професионално“ гледање на реалноста. Преку примери и практична работа им покажувам што сè треба да содржи една фотографија. Затоа што создавањето на фотографијата во најголем дел е спротивно од создавањето на една слика. Кај сликата имаме додавање на елементи (започнуваме со празна површина), а кај фотографијата редуцираме, отстрануваме предмети со избор на дел од просторот што го гледаме пред нас. Се обидувам да ги научам визуелно да размислуваат. Да им укажам дека техничките елементи на камерата може креативно да влијаат врз фотографијата, но сепак идејата е примарна при создавањето на едно уметничко дело.

Дали младите денес имаат доволно простор и поддршка за да се развиваат како визуелни уметници?
Младите никогаш не треба да бидат задоволни од условите и институционалната поддршка. Секогаш треба да се борат за повеќе, за подобри услови за работа и креативно изразување. Да иницираат нови изложбени простори, поинакви начини на презентација на нивните идеи, нивните дела. Ако се задоволат од она што им го нудат институциите ќе западнат во една комфорна, некреативна зона што е погубно за секој уметник. Од мој денешен ракурс, после сите овие години мислам дека младите уметници имаат подобри услови во однос на времето кога ние бевме млади. Пред сè тука мислам на можностите да конкурираат насекаде низ светот. Лесно и брзо доаѓаат до информации од цел свет. Постојат многу уметнички резиденции за млади, грантови и слично. Од друга страна живееме во време со измешани критериуми на вредности. Во време на емисии каде анонимни анонимуси преку ноќ стануваат ѕвезди и преку ноќ исчезнуваат. Сето ова ги збунува младите креативни луѓе. Секако ова е мое мислење со кое младите уметници не треба да се согласат. Домашната поддршка е катастрофална како за младите така и за поискусните уметници.

Вештачката интелигенција сè повеќе навлегува во визуелните уметности. Како го оценувате тоа влијание врз фотографијата?
Вештачката интелигенција е насекаде. Фотографијата не само што не е имуна, туку е најпогодена од неа во однос на другите визуелни медиуми. Најголемиот проблем според мене е злоупотребата на оваа алатка. Но, со време мислам дека ќе се избистрат работите и сè ќе си дојде на свое место. Во секој случај вештачката интелигенција е иднината не само во визуелните уметности туку во сите сфери на живеењето. Младите уметници треба многу сериозно да го сфатат ова и да посветат повеќе време во изучување на можностите што им ги нудат најразличните софтвери. Сепак да бидат свесни дека вештачката интелигенција е само алатка која им помага при создавањето на нивните дела, а не и самата да ги создава делата.

На што работите во моментов и кои се Вашите идни професионални планови?
Покрај фотографијата професионално се занимавам и со филм. Во моментов работам на постпродукција на еден долгометражен документарен филм. Заедно со Моника Мотеска влеговме во финалниот избор од пет уметници на една европска награда за уметност. Изложбата ќе се одржи во октомври во Варна, Бугарија. Правиме технички подготовки за оваа изложба затоа што изложуваме сложена видео инсталација. Инаку, секојдневно работам на фотографски серии што досега не сум ги изложувал и полека ги вклопувам во некои нарации.

Колку денес сте поврзани со Прилеп и дали постои проект што би сакале да го реализирате во родниот град?
Иако сè поретко и пократко доаѓам во Прилеп врската со градот е многу интензивна. Моите простори и места од детството и младоста стануваат сè поприсутни во моите соништа. Можеби тоа доаѓа со годините. Фотографски, креативно постојано се навраќам во Прилеп. Секоја година правам по една серија фотографии, најчесто во околината на Градот. Би сакал за десетина години да направам голема изложба и монографија посветена на Прилеп и прилепскиот пејзаж. Тоа би бил пресек од фотографии снимани во текот на педесетина години. Половина век. Страшно звучи.

Каква порака би им упатиле на младите прилепчани кои сакаат да се занимаваат со фотографија и уметност?
Да го искористат визуелниот потенцијал на Прилеп. Ретко каде на друго место има толку надреални пејзажи. Да ја студираат светлината којашто секоја минута создава поинаква фотографија од истиот мотив. И, да бидат истрајни во уметноста.


    Сподели на социјалните мрежи