ТРИ ГЕНЕРАЦИИ, ЕДНА ИСТА ЦЕЛ – ТЕХНИЧКИОТ ФАКУЛТЕТ БИТОЛА ЈА РАСКАЖУВА СВОЈАТА ВРЕДНА ПРИКАЗНА

Сподели на социјалните мрежи

Како изгледаат 65 години инженерство раскажани низ очите на три деца од различни историски периоди? Токму тоа е приказната што ја носи новото јубилејно видео на Техничкиот факултет Битола https://youtu.be/MRlmjhAIqHw?si=K3Yx_8ETVRchZBvd создадено по повод 65 години инженерско образование.

Видео линк:

Видеото ја поврзува историјата на Битола, развојот на инженерството и високото образование со иднината, следејќи три млади ликови кои, иако живеат во различни времиња, имаат иста желба – да создаваат, да откриваат и да го менуваат светот. Нарацијата започнува од Ислахането и инженерските достигнувања што го обликувале развојот на Битола, продолжува со формирањето на Вишата техничка школа во 1961 година и основањето на Техничкиот факултет во 1977 година, а завршува со современите студиски програми, иновациите и визијата за идните генерации инженери.
Во приказната свое значајно место има и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, како високообразовна институција која со децении создава инженери и стручни кадри што придонесуваат за развојот на македонската индустрија, енергетика, информатички технологии и современото општество.
Во рамките на своите уписни активности https://uklo.edu.mk/blog/upisi-2026-27/, Универзитетот и особено Техничкиот факултет – Битола https://tfb.uklo.edu.mk/ им ја отвораат вратата на новите генерации матуранти кои имаат интерес кон инженерските науки и сакаат своето знаење и професионална иднина да ги градат во динамичните области на техниката и технологијата. Преку современи студиски програми, практична настава и можности за развој, Техничкиот факултет – Битола им нуди можност на идните студенти да станат дел од заедницата на инженери кои го создаваат и унапредуваат општеството.
Пораката што се испраќа видеото е едноставна, но силна – инженерството не е само професија, туку двигател на промените и развојот.
Со јубилејното видео, Техничкиот факултет Битола не само што одбележува значајна годишнина, туку испраќа покана до новите генерации да бидат дел од традицијата што веќе 65 години создава знаење, иновации и извонредност.


Сподели на социјалните мрежи