Платото пред НУЦК „Марко Цепенков“ синоќа беше исполнето со звуците на традиционалната унгарска музика, песна и танц, во рамките на „Вечерта на унгарската култура“, која пред прилепската публика донесе богата музичко-сценска програма и автентични фолклорни изведби.
Пред присутните настапија оркестарот „Рожафа“ и Фолклорниот ансамбл „Коња“, кои со своите изведби го претставија богатството на унгарската народна традиција и фолклорно наследство. Младите музичари и играорци приредија динамична и впечатлива програма, исполнета со традиционални мелодии и кореографии од различни етнографски региони.
Особено убав момент беше кога членовите на Фолклорниот ансамбл поканија дел од прилепската публика да им се придружи на сценскиот простор. Заедничкото оро на гостите и публиката донесе дополнителна енергија и создаде атмосфера на блискост и заедништво, покажувајќи дека музиката и танцот се универзален јазик кој ги поврзува луѓето и културите.


Оркестарот „Рожафа“, формиран во 2024 година и составен од млади музичари од Сента и околината, пред прилепската публика се претстави со автентични мелодии од повеќе етнографски области на Карпатскиот Басен. Фолклорниот ансамбл „Коња“ од Бачка Фекетиќ, кој постои од 1996 година, со своите танци и кореографии уште еднаш ја потврди посветеноста кон зачувувањето и афирмацијата на унгарската народна традиција.
Публиката со внимание и аплаузи ги проследи настапите, а по завршувањето на програмата остана впечатокот дека „Вечерта на унгарската култура“ понуди не само квалитетна уметничка програма, туку и вистинска средба на две култури преку музиката, песната и танцот.
Настанот беше организиран од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, во соработка со Здружението на Унгарците во Македонија.

















