„ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ 2026“: ПРИЛЕП ДВА ДЕНА ВО ЗНАКОТ НА ПОЕЗИЈАТА И ПИШАНИОТ ЗБОР

Сподели на социјалните мрежи

На 15 и 16 август 2026 година, Прилеп повторно ќе биде во знакот на поезијата. Во организација на Клубот на литературни творци – Прилеп, ќе се одржи 19. поетска манифестација „Поетско Маркукуле 2026“, која и годинава ќе ги обедини поетите и љубителите на пишаниот збор во духот на творештвото, дружењето и културната соработка.
Интересот за годинашното издание е голем – на објавениот конкурс се пријавија над 200 поети од Македонија и од повеќе земји од светот, а нивните творби се обединети во заедничкиот зборник „Поетско Маркукуле 2026“.
Централната поетска вечер ќе се одржи на 15 август во Киносалата „Мис Стон“ во Прилеп, со свечено отворање во 18:00 часот. Во рамките на програмата ќе биде промовиран зборникот „Поетско Маркукуле 2026“, по што учесниците ќе се претстават пред публиката со свои авторски песни.
Вечерта ќе биде посветена на различните поетски гласови и творечки сензибилитети, но и на непосредната средба меѓу авторите. Предвидено е и доделување благодарници и признанија, а по завршувањето на официјалниот дел дружењето ќе продолжи во пријатна атмосфера, со можност за размена на творечки искуства и создавање нови литературни пријателства.
Поетската приказна ќе продолжи и следниот ден. На 16 август, учесниците ќе го посетат Тронот кај Слонот – автентичното место поврзано со почетоците на „Поетско Маркукуле“.
Враќањето кон местото од кое започнала манифестацијата носи посебна симболика. Во амбиентот на Марковите Кули, поезијата повторно се поврзува со просторот, културното наследство и препознатливиот прилепски пејзаж, кои се нераскинлив дел од идентитетот на „Поетско Маркукуле“.
Низ годините, манифестацијата прераснува во место на средба на различни генерации, култури и поетски изрази. Преку стихот се споделуваат мисли и чувства, се разменуваат творечки искуства и се создаваат нови литературни пријателства и соработки.
„Поетско Маркукуле“ уште еднаш потсетува дека поезијата не познава граници – таа ги поврзува луѓето преку зборот, чувството и потребата да се создава и споделува.
Клубот на литературни творци – Прилеп упатува отворена покана до сите почитувачи на поезијата, литературата, уметноста и културата да бидат дел од „Поетско Маркукуле 2026“ и заедно со авторите да ја почувствуваат убавината и силата на поетскиот збор.


Сподели на социјалните мрежи