Театарот во Прилеп не е само институција – тој е дел од идентитетот на градот. Во таа традиција, повеќе од две децении својот актерски пат го гради Марија Спиркоска-Илијеска, актерка на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.
Нејзината приказна е посебна и поради семејното наследство. Таа е ќерка на легендарниот прилепски актер Благоја Спиркоски-Џумерко, но низ годините изгради свој актерски израз и свој однос со публиката. За улогата на Велика Мегленоска во „Пиреј“ ја доби наградата за најдобра главна женска улога на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Меѓу нејзините интересни актерски искуства е и улогата на Итар Пејо, лик кој пред неа го толкувал нејзиниот татко. Денес, покрај актерската работа, Марија е активна и во развојот на театарската култура, особено во создавањето интерес кај најмладата публика.
За „Клуб Деница“, Марија Спиркоска-Илијеска зборува за љубовта кон сцената, актерските предизвици, наследството од Џумерко, големите улоги и прилепската публика.


Кога првпат почувствувавте дека актерството не е само желба, туку професијата со која сакате да го поминете животот?
Уште од најмала возраст театарот беше постојано присутен во мојот живот. Пред јас да посакам да одам во театар, татко ми ме зел со себе и ме однел на проба и сум била дел од атмосферата на проба, пред претстава, покрај актерите и режисерите, големата и впечатлива сценографија и шарените и раскошни костими. Таа детска игра низ театарот прерасна во љубопитност, љубопитноста ми прерасна во голема љубов, а сега е ова моја професија. Но, јас повеќе сакам да кажам дека актерството не е само професија, тоа за мене е начин на живот.
Растев блиску до сцената и еден ден, на 5-годишна возраст, веќе бев дел од неа, затоа што ме вклучија во професионалната претстава „Силјан Штркот“ во режија на Бранко Ставрев, без да се насетува дека тоа нема да биде само едно детско искуство, туку ќе биде само првата слика во првиот чин од мојата животна приказна.
Што е всушност најтешко во актерската професија – да се научи текстот, да се оживее ликот или секоја вечер повторно да му се верува на ликот?
Учењето на текстот е најлесната работа, оживувањето на ликот е индивидуален пристап и е различен кај секој актер и во секоја претстава, а најголемата и најважна работа е секој пат одново да поверуваш во нешто што е изговорено и повторено повеќе пати, да се изненадиш на веќе позната ситуација, да се смееш или плачеш во ситуација која треба да ја изиграш вистински, како да не знаеш дека ќе се случи, а знаеш сè. Секогаш во точен момент, на тоа конкретно место, секогаш исто и секој пат како да е прв пат, сега и овде.
Сцената и публиката се толку чесни и искрени и не сакаат да глумиш дека глумиш. Актерството не е глума, тоа е вистински живот на сцена во кој секој актер треба да поверува за публиката да верува.
Вашиот татко, Благоја Спиркоски-Џумерко, е едно од најзначајните имиња на прилепскиот театар. Како изгледаше растењето покрај еден актер и дали неговото влијание ве насочи кон сцената?
На сцената беше еден човек, а дома беше сосема друг. На сцената духовит, со посебна свежина и оригиналност, човек кој ја пленеше публиката во секоја смисла и во секоја претстава… А дома… хахахаха, строг, принципиелен и со високи и строги критериуми.

Дали некогаш сте почувствувале дека презимето Спиркоски носи и одредена тежина – очекување да бидете „ќерката на Џумерко“, а не само Марија Спиркоска-Илијеска?
Искрено, не поминав баш најлесно. Имав притисок и коментари, на пример: „Па, таа е ќерка на Џумерко и секако е примена на ФДУ и без приемен…“ Па, првата година ме турнаа на приемен. Бев многу разочарана и од коментарите и од тоа што не сум примена, но продолжив напред, храбро и посветено.
Имам три награди на „Чернодрински“, а на првите две не успеав да им се израдувам, зашто се коментираше: „Па, таа ќе земе награда, кој друг… знаете кој и е татко!“ И така, неговата сенка и неговото име ми правеа таков терет низ годините, а и тој знаеше за тоа.
Но, кога ја добив наградата за главна женска улога, татко ми беше починат и мислев дека ќе се израдувам, но повторно не се израдував, затоа што не можев да му кажам дека неговата сенка не била мој терет, туку таа сенка била со фенер во раката за да ми го осветлува патот.
Горда сум на неговата големина, а јас оставам мој сопствен печат, но секогаш сум многу внимателна за да не го извалкам ни моето ни неговото име.
Двајцата бевме со комплетно различна енергија и сензибилитет, но со иста љубов и посветеност кон театарот. На сцена, духовити или сериозни, храбри или ранливи, секогаш ВИСТИНСКИ, а не ЛАЖНИ.
Итар Пејо беше лик со кој Благоја Спиркоски-Џумерко остави силен печат, до тој степен што за многумина токму тој стана синоним за ликот. Кога во 2013 година го презедовте Итар Пејо, колкав беше товарот да застанете на сцената во улога која публиката толку силно ја поврзуваше со вашиот татко – и дали повеќе чувствувавте страв, одговорност или желба да покажете дека Итар Пејо може да биде и ваш?
Голем предизвик. Понудата ја добив телефонски и инстинктивно реков: „ДА, САКАМ!“ без размислување, а кога го затворив телефонот имаше едно… „Леле, сега…“ Па ме фати прилепскиот инает и си реков: „АЈДЕ НАПРЕД, НЕМА НАЗАД.“
Бев свесна дека Итар Пејо веќе беше оживеан вистински и секој има јасна слика од Џумерко кога и да се спомне Итар Пејо. Влегов храбро и чесно во предизвикот и не се натпреварував со неговиот Итар Пејо, јас се натпреварував само со самата себе. Верував и уживав во тоа што го правам.
Претставата имаше 50 изведби, а изведбата во Прилеп, тоа беше нешто што никогаш нема да го заборавам… Татко ми почина пред една недела и животот и професијата ми се најдоа на иста сцена. Во чест на наградените на „Чернодрински“, во негова чест, она по кое сите го паметеа, а јас на сцена со неговата животна улога, но во женска верзија.
Играв комедија со тага во душата и насмевка на лицето. Имав енергија во мене да преместам планина, а мислев дека нема да има ни сила да кажам една реплика, а јас едноставно летав по сцената, затоа што тоа за мене беше продолжување и оживување на она што тој го остави зад себе.
И на крај ја завршив претставата со… „СИ ГО ЗАБОРАВИВ, МАШКОТО МОЕ, НАЈМАЛО И НАЈУБО… ЏУМЕРКО СИ ГО ЗАБОРАЈВ!!!“


За улогата на Велика Мегленоска во „Пиреј“ ја добивте наградата за најдобра главна женска улога. Што ви значи денес Велика и што ви остави тој лик како актерка, но и како човек?
Многу ми е жал затоа што претставата имаше краток живот поради ковидот, но изненадува тоа што кратко траеше, а долго ќе се памети, а нема кој не ми ја спомнал таа улога.
Во ликот има сè и не можеш да останеш рамнодушен. Има болка, тага, очај, но во Велика има сила да продолжи напред и покрај тоа што нема ниту една причина да биде силна.
Актерски треба да се внимава да има емоција, но не премногу ни премалку, да се воздржуваш пред да се распаднеш. Комплетно емотивно и физичко исцрпување, а моето најголемо задоволство беше што успеав секоја проба и секоја претстава да ја имам истата болка и истата емоција како да е сега и овде.
Тој лик ми беше една животна лекција и приватно и професионално, а тоа е дека во животот силата не се гледа по тоа колку можеме да издржиме, туку дали ќе останеме чесни и човечни додека издржуваме.
Прилеп има исклучително силна театарска традиција. Што е она што го прави прилепскиот театар посебен и по што се разликува прилепската публика?
Нашата публика е чесна, искрена и со префинет вкус, публика која знае да разликува добро од лошо, ГЛУМА од вистински живот на сцена, публика која знае да награди и пофали, но знае да даде конкретна и прецизна критика.
Претставата не е монолог, секоја претстава е дијалог со публиката, тоа е пат во два правци.
Прилепската публика има и одлична меморија, ги памети сите актери, претстави, цитира реплики и нè потсетува на некои сценски моменти кои ние сме ги заборавиле. Со еден збор, совршена.


Во септември повторно ќе се одржи фестивалот „Силјан Штркот“. Што значи еден ваков фестивал за Прилеп и колку е важно децата уште од најмала возраст да се доближат до театарот?
Нашиот град не смее да живее само од она што го има, туку и од она што го создаваме. Оваа година ни е седмо издание и многу се радуваме.
Јас и Ангела, како што нè нарекуваат… ЖЕНИ-ЛАВИЦИ… се трудиме и се бориме со сите ветерници, но не се откажуваме. Нашата цел е на нашите најмали да им понудиме простор каде ќе растат, развиваат, фантазираат и идентификуваат.
Сакаме да прераснат во сериозна публика со искристализирани критериуми, публика која гледала и видела многу претстави и знае да оцени што е добро, а што не. Тоа е инвестиција во нова публика, нови образовани луѓе, кои ќе созреат и прераснат во возрасни луѓе кои ќе имаат потреба од уметност.
Денес децата растат со телефони, социјални мрежи и дигитална содржина. Може ли театарот повторно да им го задржи вниманието и да ги натера да седнат во публика?
Ние не треба да се бориме со новото време, само треба да покажеме дека постои и друг свет, друг простор и друга енергија, жив човек пред нив кој живее и комуницира со нив и не можеш да скролаш понатаму. За да видиш што ќе се случи, треба да си трпелив до самиот крај.
Децата сега се навикнати на брзи слики и брза промена, но не значи дека не можат да бидат концентрирани. Нивниот секојдневен брз начин на живот ни е мотив плус за да му го привлечеме и задржиме нивното внимание.
Ќе се плашам од мобилните ако создадеме театарски свет кој е блед и помалку возбудлив, но ако има магија во една театарска претстава, на крај тие прашуваат: „А кога ќе има пак претстава?“
По повеќе од две децении на сцена, што сè уште ве возбудува непосредно пред да се крене завесата?
Возбудата од првиот контакт со публиката и можноста во наредниот час и половина или два да живеам во некое друго време и друг простор, да бидам некој друг човек на кој целосно му верувам и имам друг живот кој интензивно го живеам во тие минути.
И целосно стојам зад секоја реплика, гест и емоција, и покрај тоа што јас не сум приватно таков човек. Кога ќе се изгаснат светлата во сала, знам дека пробата е завршена и вистинскиот живот започнува и во тој момент верувам и стојам зад сè без никаква задршка.
Секогаш имам трема, не трема за да ме блокира, подобро би рекла возбуда, затоа што претставата не е завршен процес, таа е нова и расте и се надградува со секоја наредна изведба и со секоја нова публика.
Публиката го гледа актерот на сцената, но не го гледа човекот зад сцената. Каква е Марија кога ќе се изгаснат рефлекторите?
Кога ќе се изгаснат рефлекторите, тогаш е Марија. Една друга Марија, која си го сака својот мир. Доволно ми е журката и хаосот на сите ликови во мојата глава и немам потреба од многу гужви и луѓе.
Мирот си го наоѓам дома со фамилијата, со мојот сопруг Игор, со моите деца Матеја и Петар, во природа, на чист воздух, во викендицата во Плетвар, и со мал број пријатели, оние кои навистина многу ми значат.
На сцена сум достапна за сите, но мојот приватен живот не сакам да го делам и споделувам со сите. На сцена влегувам во многу животи, а се радувам што не го заборавив и не се изгубив во мојот.
И покрај тоа што светлата се гасат, приватно останувам на принципиелноста, посветеноста и искреноста во секоја постапка со луѓето околу мене.


Фотографиите се од албумот на Марија Спиркоска-Илијеска.

















