Традиционалното знаење и вештините што се пренесуваат од генерација на генерација се важен дел од културата и наследството на секоја средина. Токму во таа насока е и овогодишното издание на „МЛЕКО“, посветено на руралната жена и нејзината улога во зачувувањето на традиционалното производство и локалната храна.
На 12 септември, на платото кај Градскиот саат во Прилеп, од 10 до 16 часот, по петти пат ќе се одржи настанот „МЛЕКО 2026“, во организација на Slow Food Prilep, со поддршка на Slow Food Macedonia.
Годинава во фокусот е руралната жена денес – нејзината работа, знаење и улога во зачувувањето на традиционалното производство, локалната храна и животот во руралните средини.
Темата на настанот го поврзува млекото со знаењето и искуството што со генерации се пренесуваат во руралните средини. Грижата за животните, производството на млеко и неговата преработка во сирење, изварка, кашкавал и други производи се дел од традиционалните вештини кои се пренесуваат од генерација на генерација.
Во рамките на „МЛЕКО 2026“ ќе се претстават домашни производители, а посетителите ќе имаат можност да ги запознаат и дегустираат традиционалните производи. Предвидени се и разговори посветени на руралната жена, локалното производство и иднината на руралните заедници.
За најмладите ќе има и едукативно катче, преку кое низ игра и учење ќе можат да се запознаат со патот на храната, животните, млекото и традиционалното производство.
„МЛЕКО 2026: Корени и трпеза – руралната жена денес“ ќе понуди средба со локалните производители, традиционалните производи и приказните поврзани со животот и работата во руралните средини.
















