На 19 и 20 септември (сабота и недела), во Спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, ќе се одржи настанот „За викенд во Небрегово кај Конески“, во рамки на кој ќе биде промовирана публикацијата „Дидактичка прошетка низ Небрегово со творештвото на Конески“, а потоа ќе се одржат и интерактивни работилници базирани на нејзините содржини.
Од Музејот велат:
„Идејата за изработка на оваа публикација тргна од вообичаената практика: јубилеј да се одбележува со врачување на плакета, што ни делуваше малку статично и старомодно, па се зафативме со она што најдобро го знаеме – со истражување.
Потрагата по семантиката на зборот „плакета“ нè доведе до неговото заборавено значење – печатена публикација која содржела најмалку 5, а најмногу 48 страници. Одлична идеја, си рековме, и си отворивме ново поле за размисла: што да содржи таа наша книшка која треба да ги заинтересира и децата и возрасните и како од целокупното огромно творештво на Конески да избереме поезија и проза во толку мал обем. Па избравме – колку букви во нашата азбука, толку песни.
За да ги заинтересираме пред сè денешниве деца да прочитаат расказ или песна, креиравме интерактивни и игровни содржини, па ги збогативме со екфразис – уште една практика од минатото, кога воодушевувањето од слика или скулптура се изразува со збор.
На тоа додадовме фотографии, кои за таа цел ги фотографираше Александар Еленин, кој според своето образование е стручен и одличен познавач на творештвото на Конески, па го ангажиравме своето познавање и вештина да ги вложи во оваа книга. Тој наменски го фотографираше ентериерот на Спомен-домот и експонатите, планините околу дворот на куќата и Марковите Кули.
Додадовме и дидактички игри, квиз, боенки, крстозбори, игри со картички и слични содржини, кои треба да бидат само едно „стрвалаче“ за нашите културно-историски споменици да бидат перцепирани како живо наследство за кое ќе се грижиме, ќе го почитуваме и за кое ќе раскажуваме.
Така создадовме нов културен производ наменет за туристи, производ во кој на основната музејска дејност ѝ дадовме апликативна намена. Наместо вообичаен музејски каталог на експонати, создадовме компилациска творба која треба да одговори на интересот на посетителите и да ја поттикне нивната љубопитност.“
11.00 часот – Интерактивни работилници базирани на содржините од публикацијата
Содржините се направени во т.н. „винтиџ стил“ и потсетуваат на некогашните споменари, тетратки или извештаи што сме ги правеле после секое патување во место каде за првпат сме стапнале и со помош на аналогни фотоапарати сме фотографирале, па, народски кажано, сме оделе на сликар да ги извадиме фотографиите, кои си ги лепевме во дневникот и под сликите си ги пишувавме нашите впечатоци.
Во оваа публикација – во овој „сет“, односно папка за Конески – ќе најдете фотографии кои треба да се исечат и да се залепат на соодветното место.
Повелете на дружење, уживање, спознавање и запознавање.

















