Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 25 септември (петок), со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Градот во мене“, со дела од академскиот уметник м-р Александар Џинго. Изложбата ќе биде поставена до 7 октомври.
„Градот во мене“ е најнов циклус на Џинго, во кој авторот се движи меѓу препознатливата фигуративност и современиот апстрактен израз. Човечката фигура и портретот се појавуваат во процес на разложување и повторно создавање, отворајќи простор за истражување на внатрешниот свет, емоциите и личното доживување на реалноста.
Делата се реализирани во голем формат, со комбинација на цртачка техника со јаглен и сликарски пристап преку маслени бои, мрсен пастел и акрил. Колоритот се движи од монохроматски до полихроматски решенија, со слободен и експресивен потег.
Во текстот за изложбата, Бранче Трајкоски посочува дека циклусот создава спој меѓу класичната уметност и современиот експресионистички израз, при што деконструираните ликови стануваат начин за истражување на човечката душа.
Со „Градот во мене“, Џинго продолжува да го истражува човечкиот лик и фигурата низ личен филозофско-ликовен јазик, оставајќи простор гледачот во делата да препознае и сопствени емоции и асоцијации.
















