„ПРЕРОДБА“ СО СВЕЧЕН КОНЦЕРТ ОДБЕЛЕЖА 20 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Сподели на социјалните мрежи

Со свечен концерт во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“, Здружението за хуманитарна и социјална акција „Преродба“ од Прилеп го одбележа 20-годишниот јубилеј од своето формирање.
Под мотото „Човекот се препознава по културата и традицијата“, јубилејот беше одбележан со програма во која настапија членовите на „Преродба“, но и повеќе гости од Прилеп, регионот и земјава.
Пред публиката се претставија женската пејачка група, драмската и поетската секција на „Преродба“, а во програмата учествуваа и „Етно Илинден“ од Битола, КУД „Пере Тошев“ – Прилеп, Давид Долгоски, Сашо Башески, КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп, КУД „Илинден“ – Кривогаштани, женската пејачката група „Орхидеја“, Михаил Здравески и „Октет Прилеп“.
Песната, поезијата, драмата и фолклорот се испреплетоа во програмата, преку која „Преродба“ ја претстави својата работа и дел од активностите со кои две децении го негува интересот за македонската традиција и култура.
Јубилејот беше и повод да се потсети на пошироката активност на здружението, кое покрај културните содржини реализира и хуманитарни активности, како и средби и предавања на теми поврзани со здравјето, секојдневниот живот и интересите на своите членови.
Во изминатите 20 години посебно место во работата на „Преродба“ имаат народните обичаи, празниците и обредните песни, а дел од овие содржини, како што беше посочено и во пресрет на јубилејот, се пренесуваат и на помладите генерации.
Свечениот концерт во „Марко Цепенков“ го одбележа јубилејот на здружението преку заедничка програма на членовите и гостите, во која традицијата и културното творештво беа во центарот на одбележувањето на две децении „Преродба“.


Сподели на социјалните мрежи