ВО НАРОДНОТО ПАМЕТЕЊЕ ОСТАНАЛ КАКО НЕВЕРЕН ТОМА

Сподели на социјалните мрежи

19/6 X. † Свети апостол Тома; преп. нмч. Макариј.

Марко Китевски

(од книгата „Македонски црковно-народен календар“, Скопје 2021, 394– 395.)

ВО НАРОДНОТО ПАМЕТЕЊЕ ОСТАНАЛ КАКО НЕВЕРЕН ТОМА

„Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“, му рекол Исус на апостолот Тома.

       Светиот апостол Тома е еден од дванаесетте славни Исусови апостоли. Тома на еврејски јазик значи близнак, но апостолот Тома најчесто е познат како Неверен Тома.

       Роден е во Панеида, мало гратче во Галилеја. Бил верен следбеник на Исусовото учење, и присуствувал на сите поважни настани од неговиот живот.

       Кога Исус, по воскреснувањето, им се јавил на неговите ученици меѓу нив не бил Тома. А кога тие му кажале дека го виделе Спасителот, Томо не верувал и оттука е наречен Неверен Томо. „Тома еден од дванаесетте наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус. Другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа“. А тој им рече: „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата негови, нема да поверувам“. А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана помеѓу нив и рече: „Мир вам!“ Потоа му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои и не биди неверлив, но верлив“. Одговори Тома и му рече: „Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече: „Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“. (Јован 20/25-29)

       Кога по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, овие се растуриле по светот за да го шират Исусовото учење, Тома отишол во Индија. Се претставувал како мајстор-ѕидар, а го проповедал христијанството. Таму бил и кога умрела Богородица и на таинствен начин пристигнал три дена по погребот. Многу жалел поради тоа и побарал од апостолите да го отворат гробот и да ја види Божјата мајка. Но кога му ја исполниле желбата и кога го отвориле ковчегот телото на Богородица не било тука. Таа воскреснала и отишла кај својот син. Потоа Томо повторно се вратил во Индија каде што придобил многу неверници кон христијанската вера. Откако ги придобил и жената и синот на царот Миздија овој наредил да го убијат. Војниците го избодиле со копја надвор од градот, а неговите приврзаници го погребале како што му прилега.

       Овој ден нашиот народ го смета за лесен празник, но за тие што празнуваат именден се смета за тежок празник и тие не треба да работат.[1]

       Истиот ден се празнува и споменот на преподбниот новомаченик Макариј. Бил роден во местото Кион во Витанија. Родителите му биле христијани и го крстиле Мануил. Го дале да учи кројачки занает. Потоа татко му се потурчил и заминал во Бруса. Во една прилика кога младиот  Мануил дошол во овој град се сретнал со татко му кој го терал да се потурчи. Овој одбивал но група Турци го присилиле и го обрежале. Потоа Мануил дошол во Света Гора и се замонашил во скитот „Света Ана“, каде што го добил името Макариј. Тука се подвизувал цели 12 години, но постојано го мачела совеста што еднаш дозволил да мине во друга вера. Затоа со благослсов на својот старец заминал за Бруса каде што пред Турците го фалел христијанството, а за Мухамед зборувал дека е лажен пророк. Поради тоа бил фатен, затворен, а потоа и исечен со меч на 6 октомври 1590 година. Дел од неговите мошти се чуваат во скитот „Света Ана“ на Света Гора.


[1] Стефан Тановиќ, цит. дело, 76.


Сподели на социјалните мрежи