ЗАСЕКОГАШ ОСТАНИ ГОРДА МАКЕДОНИЈО
Со првата голтка од мајчиното млеко
не задоиле со опстој и пркос во срцето,
во душата ни одчукува љубов безвремена
за татковината ни горда, библиска.
Со пламени букви името Ти го испишуваме
од кое крв капе кога историјата ја камшикуваат
а билото пулсира во седум осмински такт,
тогаш немоќта во моќ ја претвораме…
Ризница на непокор си била и ќе бидеш,
во битието насоки за опстој носиш
за твојот измачен народ низ вековите
кој непокорен со гордост Те воспева.
Од твоите не секнати извори знаење црпиме
за да го одклучиме временското клатно,
да брои, да не застане во очекувањето
и кога е мрак, крвав зрак да не разбуди.
Ги памети оваа тврда земја чекорите
љубовта од предците и сите наши намери
за да не замолчи се’, душите да чувствуваат,
срцата да горат за тебе земјо родилке.
Со твојот мирис татковино довикуваш
патот на постоењето да не го изгубиме…
И во развревеноста и во тишината те бараме
не бараш епопејо македонска, горда Македонијо.
Дана Тембелеска,

















