Оваа година, учениците од основното училиште „Климент Охридски“, Јована Радеска, Јована Бошевска, Стефан Маркоски, Марко Станоески, Ана Тодеска, под менторство на професорката Јулијана Талеска, изведувајќи ја драмолетката „Парискиот студент е прилепско дете“, непосредно пред неговата творба во „Участокот“ му упатија честитка за роденденот на Борко Лазески. https://www.facebook.com/share/p/1DcWKLnvk2/
Борко Лазески е прилепско дете израснато во духот на византиската естетика. (22. 10.1917. Прилеп), кое од тинејџерски денови си правело скици за мнументални дела. Потекнува од семејство на мајстори-молери кои ја развиваат техниката на декоративно сликарство и во XX, ги разубавуваат куќите на богатите трговци – новоформирачката граѓанска класа, во Битола, Прилеп, Краљево…
Во учебната 1933/34 година, Борко се запишува на Уметничката школа во Белград, каде учи од познатите и афирмирани професори Љуба Ивановиќ, Никола Башевиќ, Бета Вуксановиќ, Мило Милуновиќ. Учесник е во НОБ.
Еден е од зачетниците на Македонската ликовна уметност и иницијаторите за формирање на здружението „Сеуметност“ (1936/7 во Прилеп), во кое членувале Ачески Ѓорѓи, Тодороски Димо, Паноски Орде, Иваноски Орде, Корубин Миле, Миноски Кирил и др. и ДЛУМ, формирано во 1944. во Прилеп.
Образованието го продолжува на Високата национална школа за ликовна уметност во Париз (Ecole Nationale Superieure des Beaux-Arts), каде специјализирал фрески, мозаик и витраж, во ателјето за фрескосликарство на Пјер Хенри (Pierre-Henri Dukos de la Haille). Влијанието од Новата париска школа, осознаено од Андре Лот, Сава Шумановиќ, Лазар Личеноски го пренесува во Македонија.
Лазески има пресудна улога за осовременувањето на фреско-сликарството и воопшто за процутот на монументалната уметност во Македонија. Тој ја застапува максимата: „ уметноста не може да биде екслузивно право на богатите поединци, туку колективна привилегија, дел од културата на живеење, достапна до сите луѓе. Всушност, уште од времето на праисторијата (пештерските цртежи во Алтамира), уметноста има за цел да ги соедини срцата на целиот народ, односно „срцата на сите припадници на работничката класа“.
Нашата фреска, како што прилепчани милуваат да си ја наречат фреската во „Участокот“ – „Избувнување на востанието на македонскиот народ против фашизмот“, Борко ја слика во поодминати години, според истите картони, коишто се сочувани во Музеј на современа уметност во Скопје, после изведувањето на првата фреска во Железничката станица во Скопје, која ја завршил за 6 месеци по враќањето од Багдад (1956.), затоашто на развивање на идејата, обработка и доработка на картоните посветил повеќе од 5-6 години (Росица Лазеска).
Во ентериерот на железничката станица – простор каде се слеваат информациите и од каде поаѓаат впечатоците, место каде поминуваат сите што пропатувле низ Скопје и имале можност да ја уживаат нејзината експресија се до кобниот 26. јули 1963, кога фреската од 225 м2 ( 5 Х 45 м. ), во која Лазески ја втакјува целата своја љубов и суштина на оформувањето на државата ја снемува … замислете како ви ја снемува првата љубов во која толку сте верувале,…сите негови дела, создадени во таа 63тата како да се негово жалење трагање по тие исчезнати дела (Пенушлиски, Ретроспективна изложба, 2018.).
По враќањето од Багдад Лазески изјавува дека е спремен повторно да ја изведе и во новата железничка станица зашто постојат сите услови за нејзино реизведување, имено во Музејот на современа се сочувани картоните, боите па дури истите четки со кои ја насликал, дури и асистентот Петковиќ е тука – вели Лазески и додава: Тоа е споменик за мојата младост, многу мои другари и за илјадници младинци кои своите животи ги положија за нашата денешнина и иднина. (Ширилов Т., „Вечер“ 24 септември 1967)
Во земјотресот се настрадани еден огромен мозаик и триптих во домот на ЈНА и во Историскиот музеј на Калето – фреската со наслов „Илинден 1903.“ Единствено неговите дела ги има на сите континенти на светот. Тој посакува во обновата на Скопје да се инсистира на единство помеѓу урбанизмот, архитектурата, скулптурата и сликарството.
Тој е уметник кој ја разбира суштината на монументалната уметност, која според својата природа е синкретичка, таа ја креира колективната свест што пак е во непосредна врска со националниот идентитет. Монументалноста во уметноста се доближува донекаде со поимот на возвишеното, што подразбира единство на идејната и естетската категорија не само на стилско типолошка категорија. Секако таа еволуира заедно со целосната промена на филозофските и естетските погледи на дадена епоха, соодветно на историско – социолошкиот контекст. При тоа се менуваат и нејзините непосредно формално обликувачки (односно стилски) белези. Сликарите монументалисти од разни земји покажуваат дека мозаиците и фреските што ги се создаваат немаат тесна врска со композицијата на архитектурата во која се остварени. Современата архитектура создала неутрална средина за ликовната уметност.
Лазески постави образец за една нова уметност: јавна монументална, со нова општествена функција – во стремеж на синтеза на уметноста и архитектурата.
Во нашата фреска видлив е напорот на Лазески фреската да создаде впечаток на емоционална напнатост, драмска вознемиреност,… во центарот распламтен оган во неправилен медалјон, во чиј центар е прикажана голема машка фигура на победник – сцена која во првата изведба била наречена „Повикувачот“, кој во подигнатите раце држи свиткана ткаенина симболизирајќи го знамето. Околу се распоредени цветовидни детали, а на десната страна од фреската збиени се секвенци од патилата што македонскиот народ ги доживува во Втората ветска војна. Според својот карактер тој дел се надоврзува на низа претстави на мачилишта, страдалништва и колежи на недолжни незаштитени и невини… потсетува на композицијата „40 маченици“ или „страшниот суд“ од повеќето средновековни фрески кај нас; Таа е решена со моменти од уметниковите дотогаш разработувани посткубистички постапки рецидиви на ренесансното и барокно сликарство, на сцените со стрелање и колеж на родољубивото шпанско население и ужасите на првата и втората светска војна прикажани од Дикс, Грос, Гутузо или Андреевиќ-Кун, Прегељ Хегедушиќ…
Некои фигури на борците се врзани за столбови, други се безживотни, пресвиткани тела, струполени на земја, понекои беспомошно ги дигнале своите раце, а од општиот метеж на купот од ранети и загинати се поддаваат нозе, стапала, тупаници, глави…Лазески бил поттикнат на едно ново гледање на темите од НОВ со што би се одбегнал парадниот, плакатски и рутински пристап кон нив: со тоа од една страна се доближил до оние визии за војната во духот на Гоја, кој покрај пропаѓањето на човечките животи сугерира опстојување и отпор кон насилството. Но тие исто така бараат и жртви и страдање…
Прилепските фрески ги завршува со зборовите: ги завршив готови се ќе си одам, но кому ќе ја оставам…задоволен сум што и ја вратив душата и телото… но се прашувам дали луѓето од градот ќе умеат да ја дочуваат, дали ќе и создадат друштво на оваа фреска со други светски фрески, би сакал да живеам уште 100 тина да ја дочувам зашто малумина се тие што знаат дека уметноста еден народ го прави народ…ја оставам фрескатва како син што ја остава својата стара изнемоштена мајка и заминува засекогаш …јас сум тој што наскоро ќе замине а вие чувајте ја …византија нејзината декаденција и пауза, продолжете ја ве молам и ве преколнувам зашто само со уметноста ќе останеме достојни за почит.
Негова никогаш не исполнета желба е да формира школа за фрескосликарство во манастирот Трескавец (умира на 16 јуни 1993 година во Скопје)
Арган: Уметноста може да помогне во структуралната трансформација на една историска ситуација – радикално и револуционерно, само доколку започнува со трансформација на своите сопствени структури, што директно асоцира на т.н. ангажирано сликарство.
м-р Паре Заревска, виш кустос, НУ Завод и музеј – Прилеп
















