Книгата „Археолошки комплекс Старо Бонче“ ги обединува резултатите од долгогодишната истражувачка работа на еден од значајните археолошки простори во Пелагонија.
Со голем интерес и пред исполнета сала, во НУ Завод и музеј – Прилеп, беше промовирана книгата „Археолошки комплекс Старо Бонче“, публикација посветена на археолошкото наследство, откритијата и историското значење на овој простор во прилепскиот регион.
Промоцијата, покрај претставувањето на книгата, беше можност да се заокружи и да се добие поширок увид во речиси две децении систематска археолошка работа на локалитетот, која придонесе за откривање и проучување на значајни траги од животот во античка Пелагонија.
Настанот го отвори директорката на НУ Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, која се осврна на соработката на установата со авторите и на значењето на заедничката истражувачка работа, чиј резултат е и публикацијата што беше претставена пред прилепската публика.

Книгата ја претстави промоторот Бошко Ангеловски, осврнувајќи се на нејзината содржина, начинот на кој се обработени археолошките сознанија и вредноста на собраниот материјал. Промоторот Марјан Јованов, пак, посебно го истакна истражувачкиот придонес на авторите – Антонио Јакимовски, Виктор Лилчиќ Адамс и Душко Темелкоски, археолози кои со години се посветени на истражувањето на овој простор.
Во своите обраќања, авторите зборуваа за значењето на археолошкиот комплекс, за досегашните откритија и за сознанијата што тие ги отвораат за историското минато на регионот. Меѓу особено значајните наоди се издвојуваат Кралската гробница, како и бронзените елементи од штитови со претстава на сонцето и натпис со името на македонскиот крал Деметриј. Овие наоди се важни не само поради нивната археолошка и уметничка вредност, туку и поради сведоштвото што го носат за политичките и културните односи во античкиот период.
Комплексот „Старо Бонче“, кој се протега во просторот меѓу селата Бонче и Подмол, на западното подножје на Селечка Планина, опфаќа повеќе археолошки локалитети и претставува простор со значителен истражувачки потенцијал. Досегашните истражувања упатуваат на постоење развиен раноантички урбан центар, а една од научните претпоставки што се истражуваат е можноста токму тука да се наоѓал античкиот град Пелагонија.
Авторите посочија дека истражувањата продолжуваат и дека сè уште постојат прашања на кои треба да им дадат одговор идните археолошки кампањи. Меѓу очекувањата е и подобрување на пристапот до локалитетите, со изградба на соодветен пат, што би овозможило нивна поголема достапност и отворање можности за развој на културно-туристичката понуда на Прилеп и регионот.
Промоцијата заврши со дискусија, во која беше уште еднаш нагласена потребата од продолжување на истражувањата, заштита и соодветна презентација на археолошкото наследство.
Новата публикација е значаен придонес кон документирањето и доближувањето на резултатите од долгогодишната научна работа до пошироката јавност, но и потсетник дека просторот на Пелагонија сè уште крие многу страници од минатото што допрва треба да бидат истражени и раскажани.





















