ЗАВРШЕНА КОНЗЕРВАЦИЈАТА И РЕСТАВРАЦИЈАТА НА ИКОНОСТАСОТ ВО ЦРКВАТА „СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ“ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Иконостасот во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, позната и како Стара црква, е со обновен и автентичен изглед по завршувањето на конзерваторско-реставраторските работи реализирани во рамките на проект на НУ Завод и Музеј – Прилеп.
Со проектот се опфатени конзерваторски, реставраторски, столарски и градежни зафати, со кои е извршена стабилизација и зајакнување на носечката конструкција на иконостасот. Посебно внимание е посветено и на неговата заштита од влијанието на подземната и капиларната влага, преку отстранување на директниот контакт со овие потенцијални извори на оштетување.
Иконостасот, со должина од 16,80 метри и висина од 6,20 метри, претставува значаен дел од внатрешноста на храмот и од неговото културно и духовно наследство. Со спроведените интервенции, неговата конструкција е во висок степен стабилизирана, а преземените мерки создаваат подобри услови за негово долгорочно зачувување.
Конзервацијата и реставрацијата на иконостасот претставуваат важен придонес во заштитата на културното наследство на Прилеп. Зачувувањето на ваквите вредности не значи само грижа за материјалната градба и нејзиниот изглед, туку и одговорност кон историските, уметничките и духовните сведоштва што се пренесуваат низ генерациите.


Сподели на социјалните мрежи