МАШКОТО ЗДРАВЈЕ ВО ФОКУСОТ НА ЕДУКАТИВНА ТРИБИНА ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Грижата за машкото здравје, превенцијата и навременото откривање на заболувањата ќе бидат во фокусот на едукативната трибина што Општина Прилеп ја организира на 12 ноември 2026 година.
На трибината ќе се отворат прашања поврзани со малигните заболувања на простатата, тестисите и пенисот, бенигната хиперплазија на простатата, како и еректилната дисфункција. Целта е преку стручни информации и разговор со медицински лица да се доближат овие здравствени теми до граѓаните, да се поттикне поголема информираност и да се укаже на важноста од редовните прегледи и раното откривање на заболувањата.
За овие теми ќе говорат проф. д-р Сашо Дохчев од Клиниката за урологија, како и д-р Трајче Јанкулоски и д-р Гоце Нинески од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп.
Настанот е можност граѓаните одблизу да се запознаат со ризиците, начините на превенција и современите можности за лекување, но и да постават прашања за теми за кои често се молчи или се одложува разговорот со лекар.
Едукативната трибина ќе се одржи на 12 ноември 2026 година, со почеток во 17 часот, во Собраниската сала на Општина Прилеп.
Превенцијата и навремената медицинска грижа се важен дел од зачувувањето на здравјето, а информираноста е првиот чекор кон одговорен однос кон сопственото здравје.


Сподели на социјалните мрежи