„КЛУБ ДЕНИЦА 2026“ – ВЕЧЕР КОГА КУЛТУРАТА, УМЕТНОСТА И ЛИТЕРАТУРАТА ДОБИЈА СВОЈ ЗАЕДНИЧКИ ДОМ

Сподели на социјалните мрежи

Преполната Ликовна галерија, авторите, фотографите, читателите и љубителите на културата ја одбележаа првата година од постоењето на „Клуб Деница“, со промоција на првата електронска книга и изложба на фотографии.


Со многу емоции, искрени средби, уметност и љубов кон творештвото, синоќа во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп беше одбележана првата година од постоењето на порталот „Клуб Деница“. Настанот, кој ги обедини литературата и фотографијата, привлече голем број посетители, а преполната галерија беше најубавата потврда дека приказната што започна пред една година допрела до својата публика.
Вечерта започна со прекрасна оперска арија во изведба на младата пејачка Михаела Пурдеска, која со својот настап ѝ даде посебен уметнички белег на целата вечер. За Михаела „Клуб Деница“ веќе пишуваше, а се надеваме дека нејзиниот талент и посветеност ќе донесат нови успеси за кои повторно ќе имаме можност да известуваме.


Централниот дел на вечерта беше промоцијата на првата електронска книга „Клуб Деница 2026“, во која се застапени творби од рубриката „Лични творби“. Книгата содржи 54 литературни дела од 24 автори, кои во текот на изминатата година го споделија своето творештво со читателите на порталот.
Посебен момент во вечерта беше читањето на литературните творби од страна на дел од авторите присутни на настанот. Нивните песни, кои се дел од првата електронска книга „Клуб Деница 2026“, овојпат добија и жив глас пред публиката. Беше тоа можност стиховите да се доживеат на поинаков начин, преку авторите кои ги создадоа, а присутните да ја почувствуваат емоцијата и мислата што стојат зад нив.


Паралелно со книгата, беше отворена и изложбата „Фото на денот“, составена од 22 фотографии објавени на порталот во изминатата година. На отворањето присуствуваа и дел од авторите на фотографиите, луѓе кои преку објективот ги зачувале своите погледи кон светот, миговите, местата и приказните што сакале да ги споделат со јавноста.
Меѓу изложените фотографии има и дела чии автори, по нивното објавување на „Клуб Деница“, добија европски и светски признанија и награди, но и фотографии што не се создадени со намера да освојат награди, туку да зачуваат еден драг момент, лична емоција или неповторлив миг. Токму во тоа е убавината на оваа изложба – секоја фотографија има своја приказна, а секој автор свој начин на гледање на светот.


Со овој настан „Клуб Деница“ ја започнува традицијата секоја година да ги обединува литературното и фотографското творештво објавено на порталот во посебна книга и изложба. Така, од вчера веќе започна и новиот циклус – собирање и подготовка на материјалите за книгата „Клуб Деница 2027“ и изборот на фотографии за следната изложба.
„Клуб Деница“ е продолжение на една постара приказна. Неговата постара „сестра“, месечниот весник „Деница“, повеќе од дваесет и пет години беше дел од информативниот и јавниот живот, обработувајќи различни теми и области од секојдневието, меѓу кои значајно место имаше и културата. Денес, во времето на дигиталните комуникации, приказната продолжува во нов облик и со поинаква концепција – како портал посветен на културата, науката, уметноста и литературата. Името „Деница“ продолжува да живее, но во ново време, со нови можности и со посебна мисија за афирмирање на творештвото и културните вредности.


Затоа и книгата, изложбата и самиот портал беа поврзани преку QR-кодови, со чија помош посетителите можеа лесно да пристапат до електронското издание, фотографиите и содржините на „Клуб Деница“. Од портал до книга, од екран до изложба – три форми на една иста приказна.
Првата електронска книга „Клуб Деница 2026“ е достапна на порталот, каде што може да се чита и бесплатно да се преземе, додека изложбата „Фото на денот“ останува отворена за посетителите во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ до 27 ноември.
Во рамките на настанот, „Клуб Деница“ им изрази благодарност и на своите поддржувачи, компаниите и фирмите кои преку своето рекламирање, соработка и доверба придонесуваат за развојот и континуитетот на порталот. Нивната поддршка е важен дел од оваа приказна и потврда дека културните проекти можат да се развиваат кога зад нив стојат заедничка доверба, разбирање и желба за поддршка на вредните содржини.
Преполната галерија, присуството на авторите, фотографите, пријателите и читателите, како и атмосферата исполнета со емоции, се силен поттик дека „Клуб Деница“ ја гради својата приказна на вистинскиот начин. Зад нас е една година исполнета со објави, разговори, интервјуа, творби, фотографии и средби со луѓе кои имаат што да кажат, создадат и споделат.


Оваа вечер не беше само одбележување на една годишнина. Таа беше потврда дека вреди да се создава простор во кој творештвото ќе биде видливо, авторите ќе добијат можност да бидат прочитани и претставени, а фотографиите ќе продолжат да ги раскажуваат приказните што понекогаш зборовите не можат да ги доловат.
„Клуб Деница“ продолжува понатаму. Со нови приказни, нови автори, нови фотографии и нови средби. Со почит кон она што е создадено и со поглед кон она што допрва доаѓа.
Благодарност до сите автори, фотографи, соработници, поддржувачи, компании, читатели и посетители кои беа дел од оваа вечер и кои во изминатата година помогнаа „Клуб Деница“ да стане место на кое се среќаваат луѓето заљубени во културата, науката, уметноста и литературата.


Ова е само почеток на една убава традиција!


Од портал – до книга. Од екран – до изложба.


Сподели на социјалните мрежи