Со полна сала, силни емоции и пораки за храброста, истрајноста и надежта, во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп беше промовирана книгата „Моќта на невидливите херои“, третото книжевно дело на авторката Сања Поповска.
Промоцијата беше посветена на мултиплекс склерозата (МС), но пред сè на луѓето кои живеат со ова заболување, на нивните секојдневни предизвици, семејствата и поддршката што им е потребна. Преку личното искуство и споделените приказни, Поповска отвора простор за поголемо разбирање на животот со мултиплекс склероза и за борбите што често остануваат невидливи за околината.


„Не ме гледаш, но ме има“ е пораката што ја носи книгата, потсетувајќи дека зад секоја дијагноза стои човек со сопствени чувства, соништа, стравови и надежи. Авторката одлучила отворено да зборува за своето искуство, но и да даде глас на сите оние кои секојдневно се соочуваат со слични предизвици.
Според информациите објавени од Градската библиотека, промоцијата поминала во емотивна атмосфера, а присутните имале можност да слушнат за личната борба на авторката, за храброста да се продолжи понатаму и за значењето на поддршката од семејството и заедницата.
Посебна порака до Сања Поповска упатила директорката на библиотеката, Андриана Ристеска, која ја истакнала подготвеноста на институцијата и понатаму да ги поддржува авторите кои преку своето творештво отвораат важни животни теми и споделуваат искуства што поттикнуваат разбирање и солидарност.
„Моќта на невидливите херои“ не е само книга за едно заболување. Таа е сведоштво за луѓето чии секојдневни борби не секогаш се забележуваат, но чија сила, истрајност и потреба да бидат разбрани заслужуваат внимание.
Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп



















