Во Македонската академија на науките и уметностите на 16 и 17 ноември 2026 година се одржаа III Мисиркови денови, посветени на 100-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков (1874–1926).
Оваа година Институтот за старословенска култура – Прилеп за прв пат беше меѓу организаторите на манифестацијата. Организатори беа и Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Институтот за македонска литература.
Во рамките на манифестацијата се одржа меѓународната научна конференција „Славистиката и македонистиката: историски и современ дискурс“. На неа учествуваа научници од Северна Македонија, Украина, Србија, Русија и Унгарија. Во осум сесии беа претставени трудови за делото и времето на Мисирков, за развојот на славистиката и македонистиката и за научните врски на Македонија со светот.
На свеченото отворање, покрај директорите на институтите организатори и претставниците на МАНУ и на Министерството за образование и наука, поздравно обраќање имаше и директорот на Институтот за старословенска култура, проф. д-р Александар Василески.
На конференцијата учествуваа и претставници од Институтот за старословенска култура со две излагања:
• Ели Луческа: „Народната култура како сведоштво: етнолошко читање на делото на Крсте П. Мисирков“;
• Марија Чичева-Алексиќ: „За адаптацијата на неколку метафори од грчкиот текст на Новиот завет во црковнословенскиот и во современиот македонски јазик“.
Манифестацијата заврши со промоција на две нови книги. Се претставија „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“ од проф. д-р Ганка Цветанова и „Окружението на Мисирков“ од проф. д-р Димитар Пандев.
Им честитаме на организаторите за успешно реализираната манифестација, која уште еднаш го потврди значењето на Мисирков за македонската наука и култура.

















