Професор по народни инструменти, композитор и продуцент кој ја носи македонската музика на европската сцена.
Мендо Ташкоски е еден од оние музички автори и педагози кои тивко, но континуирано ја градат современата слика на македонската традиционална музика. Како професор по народни инструменти, магистер по музички науки, основач на групата „Балканика“ и активен композитор,аранжер и продуцент со меѓународни соработки, Ташкоски повеќе од две децении ја спојува традицијата со нови звучни изрази. Во разговорот што следи зборуваме за неговата работа, за младите музичари, за студиското творештво и за патот на македонската музика надвор од границите на државата.
Како би се претставиле пред читателите – како професор, музичар, композитор или продуцент, и каде најмногу се препознавате себеси?
Пред читателите би се претставил како работник, човек кој кога работи со музика, во било каква форма, ужива во тоа. Не е важно дали станува збор за час, студио или некаков настап, јас сум музичар кој живее за музиката.
Народните инструменти се Вашата основна професионална определба. Што значи денес да се биде професор по традиционална музика во едно современо време?
Ја имав таа среќа и чест да дипломирам во класата на Проф. д-р Драган Даутовски од кого многу научив за фолклорот и народните инструменти. Во денешно време да се биде професор по народни инструменти претставува голема одговорност но и аманет, тоа значи дека треба да се биде чувар на културното наследство но и активен посредник меѓу минатото и сегашноста. Тоа не го гледам само како технички совладување на некаков инструмент, туку развивање на свеста кај младите за идентитетот, генот, корените и вредностите што ги поседува народната музика. Улогата на професор е тешка и одговорна бидејќи уметноста е жива материја а предавачот е тој кој мора да внимава таа материја да не ја изгуби својата автентичност.
Вашите ученици освојуваат бројни награди и се единствени кои одржале два концерта надвор од државата. Колку тоа зборува за потенцијалот на младите музичари кај нас?
Моите ученици се деца кои ја сакаат народната музика, а кога музиката доаѓа од душата тогаш успехот е неминовен. Имаме учествувано на многу концерти и натпревари од државен и меѓународен карактер и секогаш се враќаме со највисоки награди и признанија гордо претставувајќи ја македонската народна музика. Во досегашната моја работа како педагог можам да ги издвојам како несекојдневни концертот во Макарска, Р. Хрватска во 2013 година и концертот во Сандански, Р. Бугарија во 2016 год. Замислете деца од 10 -11 годишна возраст свират сериозен репертоар од еден саат и се носат на највисоко ниво на задачата. Се гордеам со моите ученици не само како музичари, туку и како прекрасни личности.
Магистриравте на катедрата по етномузикологија. Колку академското образование Ви помогна во разбирањето и современото третирање на народната музика?
Образованието е многу важен сегмент во изградбата на една личност. Академското образование ми овозможи подлабоко и посистематско разбирање на музиката, анализа на звучниот феномен но и познавањето на музичките инструменти. Сето тоа ми овозможи да напредувам не само како педагог, туку како композитор, аранжер и продуцент.
Групата „Балканика“ постои веќе 14 години. Како се роди идејата за овој проект и како се развиваше низ годините?
Идејата за групата „Балканика“ се роди од заедничката љубов кон македонската народна музика но и потребата од група која ќе ја претстави старата македонска музика преку нови експериментални аранжмани воведувајќи народни инструменти покрај „модерните“. Целата таа приказна се покажа како доста успешна, имавме многу настапи, неколку проекти со обаботки на народни песни, две авторски композиции и награда за најдобри дебитанти на „Гоце фест“ за песната „ОСМИ АВГУСТ“.
Пред 25 години почнавте да компонирате и продуцирате музика. Како се промени Вашиот авторски израз низ времето?
Низ годините мојот авторски израз се развиваше и созреваше сосема природно – од спонтан и интуинтивен пристап кон подлабок и попромислен концептуален израз. Со самото искуство, образование но и различните соработки мислам дека се зголеми чувството за форма, звук и порака но суштината секогаш остана иста. Сето мое творештво и лична емоција е базирано на фолклорот.
Од пред неколку години имате сопствено студио низ кое поминале многу музичари. Што значи за Вас студиото како креативен простор?
Моето студио е место каде се чувствувам слободно и опуштено. Тоа за мене е креативно засолниште каде идеите сами доаѓаат, се развиваат и добиваат форма. Понекогаш имам чувство дека токму тоа е местото каде што се среќаваат традицијата и современиот звук.
Соработувате со „WooW music production“ и сте нивни претставник за регионот. Како дојде до таа соработка и што таа носи за македонската музичка сцена?
Да, покрај македонските продукциски куќи со кои имам одлична соработка јас сум и претставник на „Woow music“ за Македонија. Тоа е една сериозна музичка продукција со седиште во Швајцарија која се занимава со промоција на балканска музика и фолклор. Покрај македонски песни и изведувачи преку оваа продукција имам можност да соработувам и со големи музички имиња од бившите ЈУ простори. Соработката излезе спонтано, преку заедничка визија за квалитет, промоција и обединување на балканските народи преку музиката. Како нивен претставник за регионот, ова партнерство за македонските музичари отвара подобри продукциски услови, поврзување со меѓународната музичка сцена. Една од емисиите на „Woow music“ беше посветена на градот Крушево, па покрај македонската музика успешно ја претставивме нашата традиција, култура, гастрономија и историја.
Работите со музичари и автори од различни европски земји. Колку македонската традиционална музика е препознатлива и ценета надвор?
Македонската традиционална музика е исклучително препознатлива и многу ценета во светот токму поради својата комплексна ритмика, специфична мелодија и силна емоционална експресија. Македонските народни инструменти се се повеќе барани во аранжманите на сите светски стилови на музика а автентичноста на македонската мелодија се доживува како богат и инспиритативен извор во современото музичко творештво.
Бевте аранжер на песна за изборот на песна за Евровизија за Шведска. Колку ваквите ангажмани се предизвик и одговорност?
Ваквите ангажмани се голем предизвик но и сериозна одговорност, бидејќи се работи за проекти со високи професионални стандарди. Но мојот пристап кон секој проект е ист, секогаш сериозно пристапувам кон секоја композиција, не е битно дали таа е за локална употреба или пак за светска сцена затоа што нашите дела остануваат и зборуваат наместо нас.
Вие сте и автор на ора. Како настанува едно ново оро денес – меѓу традицијата и личната инспирација?
Покрај создавањето на музика за други изведувачи, јас моето лично музичко изразување го правам преку моите инструментални дела или народски кажано – ора. Едно оро настанува како дијалог помеѓу традицијата и личната инспирација, јас најчесто користам народни мотиви на кои се обидувам да дадам нова енергија и современ дух но притоа да не ги нарушам корените. Од севкупното мое творештво можам да ја издвојам мојата „СЛОЖУВАЛКА“ како едно многу комплексно дело, ритмички и мелодиски. „Софино оро“ е композиција посветена на мојата ќерка и е заштитен знак на емисиите на „Woow music production“.
Како ја гледате иднината на народната музика и нејзиното место кај младите генерации?
Младите пројавуваат огромен интерес кон народната музика и сметам дека тоа е нормално и правилно затоа што тоа е нашето културно наследство, нашиот код но и народната музика е таа со која можеме гордо да се претставиме пред светот. Сметам дека и покрај влијанието на соседните музички култури, македонската народна музика го задржува својот традиционален дух и одлично се вклопува со современите музички форми.
На што работите во моментов и што може публиката да очекува од Вас во блиска иднина?
Во моментов работам на повеќе полиња. Правам нов аранжман на едно старо македонско оро кое е подзаборавено, работам на новата песна за доајенот на македонската народна музика, Круме Спасовски и неколку нови композиции кои ќе имате можност да ги слушните на некој од нашите фестивали.
Каква иднина ѝ посакувате на македонската народна музика и што е клучно за нејзино опстојување?
Македонската народна музика и мојот татко се виновни за тоа што јас денес се занимавам со музика. Народната музика ја сакам и се трудам секој ден да научам нешто повеќе за неа и тоа да го пренесам на моите ученици или пак во моите композиции. Клучно за опстојување на македонската народна музика е народот, тој успеал илјадници години да ја создава, негува, усовршува и како таква да ја пренесе од генерации на генерации. Ние сме должни да го продолжиме тој синџир и да се гордееме со тоа што го имаме.
Фото од албумот на Мендо Ташкоски





















