ПРИЛЕПСКИ УМЕТНИЦИ – ТРАГИ ШТО ОСТАНУВААТ, СТЕВАН ВАСИЛЕСКИ – СЛИКАРОТ ШТО ЈА ПРЕТВОРИ ТЕМНИНАТА ВО СВЕТЛИНА НА ЗБОРОТ

Сподели на социјалните мрежи

ПРИЛЕПСКИ УМЕТНИЦИ – ТРАГИ ШТО ОСТАНУВААТ
Продолжуваме со серија прилози посветени на прилепските уметници кои со своето творештво оставиле длабок и траен белег во македонската ликовна уметност, а денес не се повеќе меѓу нас. Преку овие текстови се навраќаме на нивниот уметнички пат, делата и значењето што го имаат за културната меморија на градот и пошироко.

СТЕВАН ВАСИЛЕСКИ – СЛИКАРОТ ШТО ЈА ПРЕТВОРИ ТЕМНИНАТА ВО СВЕТЛИНА НА ЗБОРОТ

Прилепската и македонската ликовна сцена во втората половина на XX век не може да се замисли без името на Стеван Василески (1932 – 2013) – сликар, педагог, културен деец и поет, автор со препознатлив и уникатен ликовен јазик, чиј творечки опус остави трајна вредност во националната уметничка меморија.
Роден во Прилеп, Василески уште од рана возраст ја покажал својата наклонетост кон уметноста. Завршил Средна уметничка школа и Педагошка академија во Скопје, насока ликовно воспитување, со што ја поставил основата на својата двојна мисија – уметничка и педагошка.
Речиси целиот работен век го минал како ликовен педагог во основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Добре Јованоски“ во Прилеп. Но тој не бил само наставник, туку вистински воспитувач на генерации млади таленти и активен промотор на ликовната култура. За својот придонес бил назначен за советник по ликовно воспитување од Битолскиот завод за школство на поранешна СФРЈ, а Републичкиот педагошки совет му го доделил звањето „Особено истакнат ликовен педагог“.
Уметник со сопствен ликовен јазик
Како член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1958 година, Василески активно учествувал на годишните изложби во земјата и странство, реализирајќи и бројни самостојни претставувања. Ќе остане запаметен и како првиот македонски сликар кој самостојно изложувал во Солун, во галеријата „АРСА“ во 1974 година.
Неговото творештво е богато, разновидно и длабоко втемелено во прилепскиот пејзаж, каменот, коренот, светлината и традицијата. Работел во повеќе техники – масло на платно, графика, мозаик – создавајќи препознатлива морфологија и автентичен израз. Циклусите како „Корен и камен“, „Везилка“ и „Под Марковите кули“ сведочат за неговата способност да изгради сопствен визуелен свет – автономен, а сепак длабоко поврзан со поднебјето од кое потекнува.
По вокација импресионист и изразен колорист, Василески на своите платна го овековечуваше животот во целиот негов раскош – сонцето, ѕвездите, зеленилото, каменот, жената, пределот. Како што беше истакнато на одбележувањето на педесетгодишнината од неговото творештво во Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“, тој ја потврдува мислата на Моне дека „сликарот е око на убавините на светот“.
Неговата уметност не останала затворена во галериските простори. Василески ги носел своите изложби и во фабрики, рудници и работни колективи, верувајќи дека уметноста треба да биде достапна за сите.
Добитник е на Септемвриската награда на град Прилеп (за мозаикот во Белата куќа на Тутунскиот комбинат), награда на ДЛУМ и признание од галеријата „КО-РА“ – Скопје. Одликуван е со Орден на трудот со сребрен и со златен венец. Неговите дела денес се наоѓаат во бројни колекции во Македонија и во странство – Бугарија, Грција, Србија, Словенија, Русија, Германија, САД и Романија.
„Создавам, значи постојам“
Со изложба од 31 масло на платно беше одбележана неговата педесетгодишна творечка работа. Галеријата беше претесна за сите почитувачи, но таа вечер имаше и силна симболика – авторот беше присутен, а не можеше да ги види своите дела.
Стеван Василески го загуби видот – најнапред на едното, а потоа и на другото око. За сликарот тоа значеше замолчување на боите и прекин на потегот на четката. Но творецот во него не згасна. Наместо да се повлече во тишина, тој ја пронајде светлината во зборот.
Оваа изложба ја организира Центарот за култура “Марко Цепенков” – Прилеп во соработка со месечниот магазин “Деница”, а за творештвото на Василески зборуваше Слободан Рошкоски.
Од платно до поезија
По ослепувањето, Василески почна да пишува стихови. Мотивите ги диктираше на својата внука, младата сликарка Јасмина Трајкоска, која ги запишувала и ги снимала за тој да може да ги преслушува во долгите темни деноноќија.
„Повеќе од 35 години низ педагошка работа учениците ги подучував да сликаат, цели 50 години творев и создадов неколку стотини платна, а сега, не можејќи да сликам, се одадов на пишување поезија“, изјави Василески.
Така настанаа стихозбирките „Слепиот“ и „Црна светлина“ – интимни поетски исповеди во кои болката од загубениот вид се претвора во достоинство и духовна сила.
„Сега сум поцврст
и од самиот кремен
зашто во темнината
ја согледав вистината.“
Во стиховите се чувствува болката од изгаснатото сонце и исчезнатите ѕвезди, но и човечката храброст да се прифати реалноста. Особено трогателни се песните посветени на сопругата, каде љубовта станува светлина што не може да ја згасне ни темнината.
Како што забележа Атанас Тасевски во предговорот на неговата поетска книга, уметничкиот свет на Василески со слепилото не престанал – туку се преиначил. Потегот на четката бил заменет со ритамот на стихот.
Наследство што продолжува да дише
Домот на Василески останал дом на уметноста. Додека тој создавал поезија, неговата внука создаваше слики – симболично продолжување на ликовната линија што тој ја започнал.
Стеван Василески успеа да го потврди своето постоење преку богат творечки опус што ќе остане дел од македонската ликовна историја. Неговите платна ќе продолжат да дишат со боја, а неговите стихови со тивка, но силна светлина.
Зашто за него создавањето не беше само уметност – беше начин на живот.


Сподели на социјалните мрежи