РЕТРОСПЕКТИВНА ИЗЛОЖБА НА ИТА ТС АРТ ВО ПРИЛЕП – 35 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО

Сподели на социјалните мрежи

Во Ликовната галерија при НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 11 март (среда) со почеток во 19 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на уметницата Ита ТС Арт, со која таа одбележува значаен јубилеј – 35 години уметничко творештво.
Пред прилепската публика ќе и бидат претставени 30 ликовни дела, создадени во различни творечки периоди на уметницата. Станува збор за дела работени во техника акрил на платно и картон, со разновидни мотиви што го отсликуваат нејзиниот долгогодишен ликовен развој.
„Сакам на прилепската публика да ѝ го пренесам моето творештво. Сликите се работени во различни периоди, а мотивите се најразлични. Многу сум среќна што овој јубилеј го одбележувам во мојот роден град“, вели уметницата.
Ита ТС Арт денес живее и твори во Соединетите Американски Држави, а зад себе има реализирано повеќе изложби во Македонија, во САД и во повеќе европски земји.
Изложбата во Ликовната галерија ќе биде отворена за посетителите до 19 март, овозможувајќи им на љубителите на уметноста одблиску да се запознаат со дел од богатото творештво на уметницата.


Сподели на социјалните мрежи