ИЗБОР ШТО МЕНУВА СÈ – УСПЕШНА ПРИКАЗНА НА МЛАДАТА ПРИЛЕПЧАНКА МАРИЈА НИКОЛОСКА

Сподели на социјалните мрежи

Секоја успешна приказна започнува со избор – мојата започна со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Акдемското патување го започнав на Економскиот факултет – Прилеп, на насоката Сметководство и ревизија – област што ја избрав од љубов кон аналитиката, прецизноста и динамиката на економијата.
Уште од првиот ден, факултетот го доживеав како средина што го поттикнува знаењето, но и личниот развој. Студиите на прв циклус ми овозможија темелно теоретско знаење, но и практична подготвеност за предизвиците на современото економско опкружување. Професионалниот пристап на професорите, нивната достапност и посветеност, како и динамичната академска атмосфера, придонесоа да изградам критичко размислување, аналитички способности и истражувачки дух.
Посветеноста и континуираната работа резултираа со тоа да дипломирам како првенец на генерацијата – признание што за мене претставува симбол на истрајност, труд и поддршката што ја добивав од семејството, професорите и колегите.
Денес, како студент на втор циклус студии на истата насока, продолжувам да го продлабочувам моето знаење, свесна дека сметководството и ревизијата се професии што бараат постојано учење, етичност и професионална одговорност. Особено значајно место во моето академско искуство има улогата на демонстратор. Можноста да држам вежби и да бидам дел од наставниот процес ми овозможува да го споделувам стекнатото знаење со помладите колеги, но и самата да учам преку таа интеракција. Тоа е искуство што ме изградува не само како иден професионалец, туку и како личност.
УКЛО за мене не е само институција – тоа е заедница што создава вредности, гради самодоверба и отвора хоризонти. Тука научив дека успехот не е случајност, туку резултат на посветеност, дисциплина и љубов кон она што го работам.
Ова е мојата приказна – горда сум што се развива токму во оваа академска средина и верувам дека темелите се силна основа за мојот иден професионален пат.


Сподели на социјалните мрежи