Иницијативата за независна култура „500 денари рекет“ продолжува со својата активна програма, носејќи нов музички настан пред локалната публика, овој пат најавува концерт на скопскиот панк/инди рок бенд „Нема Лабаво“, со поддршка од прилепскиот состав „Side Quest“.
Концертот ќе се одржи на 28 март 2026 година, во кино салата „Мис Стон“, со почеток од 21:00 часот. Влезниците ќе бидат достапни на самата врата пред почетокот на настанот, по цена од 250 денари.
Настанот има за цел да ја поттикне и зајакне независната културна сцена во градот, а организаторите ги повикуваат сите љубители на живата музика да присуствуваат и со своето присуство да дадат поддршка.
„Нема Лабаво“ е авторски музички проект на Ѓоко Зафировски – Шон, добро познат на македонската алтернативна сцена по своите претходни ангажмани (Sidewalk 1997, Fragment 2002, Denny Te Chuva 2004, SUNS). Бендот се карактеризира со соработка со различни музичари, како во студиските изданија, така и на концертите. Членови на „Нема Лабаво“ на албумот “Памти па врати” (2024) се: Ѓоко Зафировски (вокал, гитара); Дени Крстев (тапани, продукција, пратечки вокали); Филип Тасевски – Фиц (гитара); Мирко Пејковски (бас).
Во Прилеп, публиката ќе има можност да ужива во промоција на нивниот најнов албум „Памти па врати“ (2024), заедно со веќе познати песни од нивната дискографија, меѓу кои „Во чие име зборите“ (2015) и „Проста македонска песна“ (2023).
Иницијативата „500 денари рекет“ останува отворена за сите граѓани кои сакаат да бидат дел од независната културна сцена, со порака дека вистинското задовлството нема цена.
Организаторите порачуваат – се гледаме на 28 март.















