Во Ликовната галерија при ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа (27.3.2026) беше отворена извонредната изложба „Оган“ на академската уметница Бојана Артиновска.
За импресивниот опус на Артиновска говореше м-р Викторија Димеска, која истакна дека уметницата инспирацијата за своите најнови апстрактни дела ја црпи токму од симболиката и енергијата на огнот.
„Острите, назабени форми се движат како бранови, создавајќи структури што интуитивно се обликуваат низ визуелна интерпретација. Трепетливите арабески ги разбудуваат сетилата на набљудувачот и создаваат разголена реалност – синтеза на разиграни бои и интуитивно слоевити колоритни површини“, истакна Димеска.
Посетителите имаа ретка можност да проследат и несекојдневен ликовно-музички перформанс насловен „Ширење на светлината“, во кој уметницата сликаше во живо, придружувана од музичарот Методија Костоски.
Бојана Артиновска зад себе има бројни реализирани изложби, а нејзиниот творечки израз опфаќа и сценографија, костимографија, како и мултимедијална уметност.



















