„ПРИЛЕПЧАНИ МАЈТАПЧИИ“ – ВЕЧЕР НА ХУМОР И ЛИТЕРАТУРА ВО ГРАДСКАТА БИБЛИОТЕКА

Сподели на социјалните мрежи

Во Градската библиотека „Борка Талески“, во организација на Клуб на литературни творци од Прилеп и неговиот нов претседател Весна Шереметкоска, за првпат се одржа манифестацијата „Прилепчани мајтапчии“, посветена на Денот на шегата.
Настанот донесе ведра атмосфера исполнета со хумор, каде што присутните имаа можност да уживаат во читање на шегобојни текстови – поезија и проза, интерпретирани од членовите на клубот. Особено внимание привлече младиот ученик Давид Долгоски, кој со својата духовита поезија успеа да ја разигра публиката и да измами насмевки кај сите присутни.
Во програмата учествуваа и членови на здружението Преродба, кои дополнително ја збогатија вечерта со своите настапи.
Иако подготовките за настанот се одвиваа во краток временски период, сепак интересот беше голем, а бројната публика покажа дека вакви содржини се повеќе од потребни. Вечерта помина во духот на дружба, смеа и позитивна енергија – нешто што, како што велат организаторите, им е неопходно на луѓето во денешното секојдневие.
Прилеп уште еднаш ја потврди својата препознатливост како град на мајтапот и хуморот, а „Прилепчани мајтапчии“ најавуваат потенцијал да прераснат во традиционална културна манифестација.

Фотографиите се од албумот на Клуб на литературни творци од Прилеп


Сподели на социјалните мрежи