ПРИЛЕП ВО ЗНАКОТ НА ЈУБИЛЕЈОТ – 60 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

Сподели на социјалните мрежи

Годинава Прилеп повторно ќе пулсира во ритамот на театарската уметност. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ по јубилеен, 60-ти пат ќе ги отвори своите сцени, обединувајќи ја традицијата, современите текови и најдоброто од македонската театарска продукција.

Јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп оваа година ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп. Во тек се подготовките на фестивалот и тимот активно работи фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар, вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот. Автор во фокус на фестивалот – Дејан Дуковски.

Покровител на фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Фестивалот и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и Општина Прилеп.
Во пресрет на овој значаен културен настан, започнуваме со серија содржини посветени на фестивалот – неговата историја, значење и улога во развојот на македонскиот театар.
Преку текстови и видео-материјали, ќе се потсетиме на најзначајните моменти, ќе ги доближиме вредностите што ги носи фестивалот и ќе ја раскажеме приказната за неговото шестдецениско постоење.
Јубилејот не е само бројка – тој е сведоштво за континуитет, љубов кон театарот и генерации уметници кои оставиле траен белег на сцената. Прилеп и оваа година ќе биде местото каде што театарот живее, се слави и се памети.

ВИДЕО СЕРИЈАЛ ВО ПРЕСРЕТ НА „ЧЕРНОДРИНСКИ“ – ПРИКАЗНИ ЗА ФЕСТИВАЛОТ, УМЕТНИЦИТЕ И ТЕАТАРОТ

Во рамки на одбележувањето на 60-годишнината од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, „Клуб Деница“ ќе објави специјален видео серијал кој го има подготвено фестивалот:
Станува збор за четири внимателно подготвени видеа кои низ различни аспекти раскажуваат за фестивалот
• Видео за фестивалот и неговата поврзаност со Прилеп
• Видео за текстовите на Војдан Чернодрински и нивното поставување на сцените на македонските театри
• Видео посветено на наградуваните актери на овој фестивал
• Видео за наградуваните драмски текстови на овој фестивал
Преку овие видео содржини, публиката ќе има можност да погледне дел од богатото наследство на фестивалот, но и да открие интересни податоци и приказни кои го прават „Војдан Чернодрински“ еден од најзначајните културни настани во земјава.
Следете нè во наредниот период – заедно ќе се потсетиме, ќе научиме и ќе го прославиме театарот.


Сподели на социјалните мрежи