Експерименталната документарна монодрама „Лидија или сè што знам за жените“, работена според истоимениот поетски роман на Тихомир Јанчовски, ќе биде изведена на 18 април (сабота), со почеток во 20 часот, на Сцена 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Претставата е во продукција на Театарска работилница Прилеп, чија адаптација, режија и актерска изведба ги потпишува Игор Трпчески. Во создавањето на атмосферата учествуваат и Тони Миќевиќ со музика на акустична гитара, како и Томе Темелкоски тон и светло мајстор и долгогодишен соработник на Театарска работилница.
Претставата произлегува од делото на Јанчовски – поетски роман кој на суптилен и ненаметлив начин го доловува пулсот на современото живеење.
Монодрамата се изведува од 2019 година, а досега има гостувано во повеќе градови и држави. После прикажувањето во Прилеп, оваа претстава на 22 април ќе се одигра во Utopija book club во Битола.
Билетите се достапни на билетарницата (тел. 076 442 378).















