Љубителите на театарската уметност, особено најмладата публика, на 18 април ќе имаат можност да уживаат во сценската адаптација на безвременската приказна „Пинокио“, која ќе се изведе на Големата сцена на Народен театар Битола со почеток од 18 часот.
Станува збор за впечатлива театарска продукција која нуди вистинско визуелно и емоционално доживување. Претставата се издвојува по својата внимателно осмислена сценографија, впечатливи костими и динамична сценска игра, кои ја оживуваат магијата на приказната за дрвеното момче што сака да стане вистинско дете.
„Пинокио“ не е само театарска претстава, туку патување во свет исполнет со фантазија, каде што сцените се менуваат како во бајка, а ликовите ја носат публиката низ низа возбудливи и поучни моменти. Ова е претстава што подеднакво ќе ги воодушеви и децата и возрасните, потсетувајќи дека магијата на театарот секогаш живее на сцената.
Режијата и драматизацијата се дело на Деан Дамјановски, музиката ја компонира Марјан Неќак, сценографијата ја потпишува Сергеј Светозарев, додека костимите се на Андреј Ѓоргиевски. Во креативниот тим се и Сара Милевска (маски), како и м-р Јулијана Мирчевска како ментор на Театарската школа „Бабец“.
Во насловната улога настапува Никола Стефанов, а покрај него играат и Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски. Дел од ансамблот се и младите учесници од Театарската школа „Бабец“, кои внесуваат дополнителна свежина и енергија во изведбата.
Интересот за претставата е голем, а според информациите, остануваат уште мал број влезници. Публиката може да ги обезбеди онлајн или на билетарницата на театарот.















