ПОМЕЃУ НАУКАТА И УМЕТНОСТА: ДНУ – ПРИЛЕП КАКО МОСТ НА ЗНАЕЊЕТО И ТВОРЕШТВОТО

Сподели на социјалните мрежи

Друштвото за наука и уметност – Прилеп претставува една од ретките институционални форми во земјава што веќе повеќе од пет децении успешно ги обединува научната мисла и уметничкиот израз. Основано во 1971 година, ДНУ – Прилеп денес брои над 150 членови – научници, академици, лекари, уметници и културни работници, кои активно придонесуваат во развојот на заедницата и афирмацијата на знаењето и творештвото.
Во време на динамични општествени промени, улогата на ваквите здруженија станува сѐ поважна. За историјата, мисијата, но и за идните планови и предизвици на Друштвото, разговараме со претседателката проф.д-р Силвана Пашоска.
Друштвото за наука и уметност – Прилеп постои повеќе од 50 години. Како би го опишале неговиот развој од основањето до денес?
Друштвото за наука и уметност – Прилеп, еве веќе 55 години, претставува стабилен столб на интелектуалниот и културниот живот на градот. Во првите децении по основањето, Друштвото се утврдило како место каде што научниците, уметниците, културните и стручните работници можеле да разменуваат идеи и да ги презентираат своите истражувања. Со текот на времето, опсегот на активности значително се проширил – од научни собири и публикации, до уметнички изложби, промоции, монографии и едукативни настани. Денес, ДНУ – Прилеп функционира како современа институција која ја задржува традицијата, но истовремено се отвора кон нови генерации, нови дисциплини и актуелни истражувачки теми. Развојот на ДНУ е приказна за континуитет, посветеност и постојано прилагодување на потребите на заедницата.
Творечкиот дух на прилепските граѓани кои се занимавале со наука и друго културно-уметничко творење има доста долга традиција. Потребата да се формира научна асоцијација во Прилеп, која ќе им даде простор на сите научни и културни уметници во градот, го забрзала процесот за основање на Друштвото за наука и уметност – Прилеп.
Ова Друштво е формирано од иницијативен одбор составен од голем број ентузијасти, јавни, културни, научни работници и стручњаци од разни профили, во јули 1971 година, а е регистрирано при надлежен орган на 21 септември 1971 година, со цел да ги соедини научните работници и уметници од нашиот град за вршење на научна дејност со која ќе даваат свој придонес во научно – истражувачката активност за настани од подалечното и поблиското минато од историски, општествен и социјален карактер на македонскиот народ. Тогаш, Друштвото вкупно броело 24 членови. За прв претседател бил избран д-р Ѓоре Печијарески, а за секретар Проф. д-р Илија Башески. Денеска Друштвото брои над 200 членови.
ДНУ – Прилеп е невладино, непартиско, непрофитабилно здружение на граѓани – научници и уметници кои доброволно се здружуваат заради меѓусебна соработка и застапување на заедничките интереси во јавноста кон органите на власта, како и заради вршење дејности и активности од областа на науката и уметноста.
Основната дејност на ДНУ – Прилеп од основањето, па се до денес, е научната дејност, преку која се дава вистински приказ на нашата историја, култура, јазик, уметност, преку соработка со општествено – стопанските и државните институции и асоцијации, со цел да се постигне побрз сестран развиток, преку одржување на разни симпозиуми, трибини, подготвување на развојни програми, проекти и друго.
ДНУ обединува научници и уметници од различни области. Колку е важно оваа интердисциплинарност во современиот контекст?
‘Рбетот на ДНУ – Прилеп го сочинуваат научни и стручни работници и уметници од различни полиња и области, како на пример, доктори и магистри од Научниот институт за тутун – Прилеп, Институтот за старословенска култура – Прилеп, членови од Економскиот факултет – Прилеп, од Завод и музеј – Прилеп итн. Во периодот од пет и половина децении успешна работа на Друштвото, негови членови беа, и сега се, врвни научни работници, академици, уметници, артисти, сликари, наши сограѓани кои иако некои од нив живееја и живеат надвор од Прилеп и нашата држава, никогаш не го заборавија својот град, своето родно огниште и со свои научни трудови земаат учество на разни симпозиуми, конференции и трибини на државно и меѓународно ниво, давајќи конкретна стручна помош во реализација на Програмата на Друштвото. ДНУ – Прилеп од неговото постоење, па се до денес, во време на разни општествено – политички настани, проблеми, кризи, неизвесности, војни на Балканот, во бившите југословенски републики, а и кај нас, во целата таа сложеност остана доследно на својата активност, како научно – истражувачка институција која има добра соработка со сите невладини организации во општината и регионот, и е отворена за прием на млади научни работници, што претставува гаранција за негова идна активност и успех со внесување на нови насоки во работата (проекти, програми), но и со практична примена на научно – техничките достигнувања во нашиот иден економски развиток и технолошки напредок за посигурен и поубав живот во една здрава био – еколошка средина.
Интердисциплинарноста е клучна вредност за Друштвото за наука и уметност -Прилеп, особено во современиот контекст. Денес сложените општествени, културни и технолошки предизвици не може да се решат низ една единствена перспектива. Обединувањето на научници и уметници од различни области создава простор за размена на идеи, нови гледишта и креативни решенија. Таквиот пристап овозможува развој на иновативни проекти, збогатување на локалната културна сцена и потикнување на младата генерација кон истражување и творештво. На тој начин ДНУ -Прилеп не е само институција што ги поврзува дисциплините, туку и двигател на современиот културно – научен развој на градот и пошироко.


Кои се клучните активности преку кои Друштвото ја остварува својата мисија?
Примарна цел на Друштвото е здружување на научните работници и уметници за вршење на стручна и научна дејност, како и давање помош на заедницата при решавање на проблемите околу економскиот напредок и развојот на нашиот град и пошироко. Друштвото ја следи научната мисла и научните достигнувања во сите области на науката и уметноста и го поттикнува нивниот развој.
Научните собири, симпозиуми, тркалезни маси, трибини и промоции се форми преку кои се врши презентирање на научните истражувања, додека свечените академии претставуваат посебна форма за одбележување на јубилејни датуми од македонската историја, како и годишнини на познати личности од националното и културното минато. Уште од самото основање, Друштвото остварува интензивна соработка со научни институции од градот и државата.
Сите овие години, ДНУ – Прилеп опстојува и дава придонес во збогатувањето на научната мисла и уметничката визија, ги следи современите текови и се труди да имплементира нови стандарди и достигнувања.
Работата на Друштвото е јавна. Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување и информирање за сите настани и случувања во организација на ДНУ – Прилеп, се даваат предлози и идеи за проширување на формите на неговиот делокруг на работа. Информирањето на пошироката јавност се врши преку печатот, радиото, телевизијата и преку страниците на порталите на интернет корисниците. Исто така, Веб страницата овозможува значителна промоција на Здружението и придонесува за нови успеси и успешно соочување со нови предизвици.
Издавачката дејност е значаен сегмент од вашето работење. Каква е улогата на „Списанието на трудови на ДНУ – Прилеп“ денес?
Издавачката дејност на ДНУ – Прилеп се одвива преку едиција на Списанието на трудови на ДНУ – Прилеп, кое излегува еднаш годишно.
Издавањето на научни трудови и монографии претставува една од тековните работи на Друштвото што се развива од денот на неговото основање. Од 1976 година континуирано излегува годишникот ,, Зборник на трудови на ДНУ – Прилеп,“ подоцна преименуван во ,, Списание на трудови на ДНУ – Прилеп “, каде се презентираат стручните и научните сознанија до кои доаѓаат нашите членови и соработници. Списанието е регистрирано во светската научна периодика, а трудовите се оригинални и задолжително рецензирани.
Во Списанието на трудови може да се објавуваат и трудови од автори кои не се членови на ДНУ – Прилеп.
Друштвото има овластување за издавање на книги. Преку ДНУ – Прилеп како издавачка куќа во минатиот период од десетина години издадени се 12 книги од различни области.
По потреба и во зависност од материјалните можности се издаваат зборници, монографии, списанија и други едиции од областа на научните и уметничките дисциплини. Во тој контекст, по повод јубилејот на дваесет годишното постоење и работење на Друштвото, во 1991 година издадена е Монографија, и уште една Монографија од 2008 година по повод триесет и пет години успешна работа на ДНУ -Прилеп, а во постапка е Монографија за одбележување на јубилејот – педесет и пет години.
Друштвото располага и со богата библиотека и збирки. Колку тие ресурси се достапни и искористени од јавноста и истражувачите?
Во 1972 година од 300 собрани и донирани книги, во рамките на Друштвото формирана е стручна библиотека која денес брои над 3000 изданија. Секако, нашата библиотека ја красат триесете и седум Зборници, односно Списанија на ДНУ, од кои со Зборниците од 1994/1995 одбележана е 25 и пет годишната дејност на Друштвото, 2002 година е јубилејното издание по повод 30 годишниот развој на Друштвото, и јубилејното Списание од 2021 година со кое го прославивме 50 годишното опстојување и развој на Друштвото за наука и уметност – Прилеп. Истата година издадена е меморијална книга со наслов: ,, Сеќавања 1971-2021 ”, која содржи портрети на 87 почесни, придружни и редовни членови на Друштвото за наука и уметност од Прилеп, починати во текот на половина век негово постоење и дејствување, во времето од 1971 до 2021 година, заклучно со 1.10.2021 година.
Библиотеката на Друштвото, иако има значаен број изданија, генерално не е централизирана како јавна библиотека за широка јавност. Тие материјали најчесто се користат во рамките на активностите на Друштвото и за издавање на научни трудови.
Геолошката збирка на руди што ја чува Друштвото претставува збир на примероци од минерали и руди кои природно се наоѓаат на подрачјето на Општина Прилеп. Колку е таа збирка отворена за јавност и истражувачи? Не постојат јасни информации дека оваа збирка има редовно поставена изложба или специјални денови за јавен пристап. Обично такви збирки се користат при научни проекти, собири и промоции на трудови што ги организира Друштвото, од членовите на Друштвото, соработниците и истржувачите кои се дел од академските мрежи, по предходна најава или договор, особено ако станува збор за стручни или научни интереси. Зборникот и списанијата што ги издава Друштвото содржат резултати од научни истражувања, но не може да се најдат универзални јавни каталози на примероци. Општа практика е дека такви научни ресурси, особено специјализирани геолошки колекции, не се безусловно отворени за секого секој ден, туку се достапни по најава или во рамки на конкретни проекти или истражувања.
Со какви предизвици се соочува ДНУ денес, особено во однос на интересот за наука и култура кај помладите генерации?
Младите денес се повеќе практикуваат дигитални платформи, социјални мрежи, визуелни содржини и интерактивни форми, на пр: онлајн видеа, блогови, конкурси, млади научни клубови – што е тешко да се надмине со класични предавања и публикации. Ова е општ тренд во европскиот и светски контекст: Друштвото, како научна и културна организација работи на комуникација која го ,,говори јазикот на младите” за да ги привлече и задржи. Без модерни, интерактивни формати на пр: работилници, онлајн предизвици или граѓански научни проекти постои ризик дека младите ќе ја доживеат науката и културата како здодевна или далечна.
ДНУ – Прилеп денес се соочува со неколку клучни предизвици, особено во однос на ангажманот на младите. Помладите генерации се почесто се свртуваат кон дигитални и брзи форми на информирање, поради што класичните предавања и трибини потешко го задржуваат нивното внимание. Дополнително, дел од младите слабо се вклучуваат во локални културни и научни активности или својата иднина ја гледаат надвор од државата. Токму затоа се нудат модерни и интерактивни програми – работилници, клубови, менторства и настани што ги поврзуваат науката и уметноста со нивните интереси. Овие предизвици се и можност Друштвото да се отвори кон нови пристапи и да создаде силна врска со генерациите што доаѓаат.


Каква е соработката на Друштвото со локалната самоуправа и со други институции во земјата?
Уште од самото основање, Друштвото остварува интензивна соработка со научни институции од градот и државата.
Успесите на Друштвото низ сите овие години континуирано се следени и поддржувани од Локалната самоуправа – Прилеп, стопанските субјекти од градот и јавните информативни гласила. Друштвото има склучено меморандум за соработка со Општина Прилеп, и меморандум за соработка со градската библиотека ,,Борка Талески” – Прилеп.
Друштвото особено тесно соработува со Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи на СБМ-Прилеп, чија основна цел и задача е да се грижи за зачувување и негување на борбените традиции и придобивките од Националноослободителната борба и востанијата на македонскиот народ и на сите граѓани кои изразиле желба да ги подржат статутарните и програмските определби на Сојузот на борците, како граѓани продолжувачи.
При вршењето на своите задачи, ДНУ-Прилеп воспоставува соработка со МАНУ, Министерството за образование и наука, Битолското научно друштво и други научни и уметнички институции од земјата и од странство.
Соработката се состои во заедничко изведување на научно-истражувачки и уметнички проекти, во организирање на научни и уметнички собири, во издавање на заеднички публикации и меѓусебна размена на информации и искуства.
Неговата примарна цел е здружување на научните работници и уметници за вршење на стручна и научна дејност, како и давање на помош на заедницата при решавање на проблемите околу економскиот напредок и развојот на нашиот град и пошироко. Друштвото ја следи научната мисла и научните достигнувања во сите области на науката и уметноста и го поттикнува нивниот развој. Научните собири, симпозиуми, тркалезни маси, трибини и промоции се форми преку кои се врши презентирање на научните истражувања, додека свечените академии претсатвуваат посебна форма за одбележување на јубилејни датуми од македонската историја, како и годишнини на познати личности од националното и културното минато.
Печат на долгогодишниот ентузијазам и прогресивните и творечки идеи и активности на членовите се и многубројните признанија и награди, меѓу кои Плакета ,,9-ти септември“ (1991) и ,,3-то ноемвриската награда“ на Општина Прилеп (2011).
Кои се главните приоритети и активности што ги планирате во наредниот период?
Во наредниот период нашите главни приоритети се насочени кон унапредување на научната и културната дејност на Друштвото. Планираме развој на нови едукативни програми за членството и пошироката јавност, зголемување на научно-истражувачките активности, продолжување на дигитализацијата на нашите содржини и богата програма на научни и културни настани достапни за пошироката јавност.
Дополнително ќе работиме на зајакнување на партнерствата со универзитетите, институциите и локалната заедница, со цел да создадеме поголемо влијание и видливост на нашата работа. Сите активности на Друштвото се претходно планирани и внесени во Програмата за работа, која се носи секоја година.
Колку е отворено Друштвото за нови членови и каков профил на луѓе сакате да привлечете?
Друштвото за наука и уметност – Прилеп во текот на својата долгогодишна дејност води редовна грижа за подигање на научни кадри и проширување на кругот на членови и соработници кои понатаму ќе внесат нови сили и погледи во ширењето на научната мисла, во контекст на познатата сентенца на поранешниот претседател на Франција, Франсоа Митеран: ,,Градот и државата ќе ни бидат такви, каква што ни е науката“.
Заинтересираните можат да станат членови на ДНУ – Прилеп, по своја сопствена определба и желба или препорака на некои од членовите.
Согласно Статутот на Друштвото, редовен член може да биде секое лице со стекнато научно звање, лице со добиено признание за особен придонес во соодветната област, како и истакнат уметник со постојано место на живеење во Прилеп и поширокото подрачје. Придружен член може да биде граѓанин со место на живеење надвор од подрачјето на Прилеп. Почесен член може да биде граѓанин на Република Македонија или лице од странство со особени достигнувања во науката и уметноста.
Членовите на Друштвото се организирани во Одделенија за општествени науки, медицински науки, литературни науки и уметност, математичко-технички науки, биолошки науки и одделение за односи со локалната самоуправа, кои активно придонесуваат во пренесувањето на научната мисла и продолжување на културната и ликовната мисија.
Каква е вашата визија за иднината на ДНУ – Прилеп и неговата улога во културниот и научниот живот на градот и државата?
Нашата визија за иднината на ДНУ – Прилеп е да го зацврстиме статусот на институцијата што создава, чува и промовира наука, уметност и култура, не само во градот туку и на државно ниво. Сакаме да бидеме мост меѓу традицијата и современите научни и културни практики, место каде нашите членови ќе добијат инспирација, знаење и простор за креативен развој. Стремиме кон повеќе едукативни програми, подршка на таленти и поголема соработка со домашни и меѓународни институции.
Планот е да продолжиме со дигитализацијата на содржините, развој на едукативни програми, подршка на млади таленти и зголемена соработка со универзитетите и сродните институции. Веруваме дека ДНУ – Прилеп ќе продолжи да биде активен двигател на културниот и научниот живот во градот и државата.
Друштвото активно организира предавања, промоции на книги, трибини и научни собири, што ја потврдува неговата улога како центар за научна и културна дејност во Прилеп и пошироко. Овој традиционален формат често се насочува кон академската заедница и постарата публика, што може да го намали директниот интерес на младите луѓе кои навикнуваат на поразлични начини на едукација и вклучување. Во нашата држава генерално, голем дел од помладите генерации не се доволно вклучени во креативни и научни активности на локално ниво и имаат чувство дека не се консултирани или слушнати при одлучувањето. За Друштвото, ова значи дека постои предизвик да се создадат настани и програми кои би ги привлекле младите, не само како публика, туку и како активни учесници.

Фотографиите се од албмот на ДНУ – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи