Во организација на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 23 април со почеток во 19:00 часот на камерната сцена ќе се одржи концертот „Stefanijazz Project“, музички настан што ветува интимно и стилски богато доживување за љубителите на џезот и современата музика.
Концертот носи искрена љубов кон музиката и препознатлив израз кој спојува повеќе жанрови – од џез фузија и џез-рок до босанова. Публиката ќе има можност да ги слушне најистакнатите авторски композиции на Стефанија Милевска Враниќ, обработени во современи аранжмани, како и неколку безвременски џез стандарди. Звукот на „Stefanijazz Project“ гради мост помеѓу класичното и модерното, нежното и енергичното, создавајќи автентична музичка атмосфера.
На сцената ќе настапат: Стефанија Милевска Враниќ (вокал), Билјана Трајковска (вокал и пратечки вокали), Владимир Враниќ (гитара), Владимир Николиќ – Дадони (труба), Ристо Крстевски (клавијатура), Зоки Паркет (контрабас и бас) и Павел Талевски (тапани).
Програмата опфаќа авторски дела и преработки како „Едно моме“, „Безнадежен“, „The Moment is Now“, „По патот на светлината“, „Бегаш“, „Да раширам крилја“, „После дождот доаѓа сонце“, како и познатите џез стандарди „At Last“ и „Summertime“.
„Stefanijazz Project“ претставува уникатен музички концепт кој ја истакнува авторската чувствителност на Стефанија, комбинирана со богатството на џезот. Со современ, но топол пристап, проектот има за цел да го доближи џезот до пошироката публика, особено до младите, поттикнувајќи културна едукација, автентичност и жанровска отвореност.
Како една од првите дипломирани џез пејачки во Македонија, Стефанија Милевска Враниќ зад себе има околу две децении сценско искуство, бројни концерти, мјузикли и настапи во земјата и регионот, како и две авторски изданија. Овој концерт претставува заокружување на нејзиниот долгогодишен музички пат во една компактна и внимателно осмислена концертна форма.
Концертот е дел од годишната програма на Центарот за култура за 2026 година, со поддршка на Министерството за култура и туризам.














