РЕДОК МУЗИЧКИ НАСТАН ВО ПРИЛЕП: КОНЦЕРТ НА ЧЕМБАЛО И ГЛАС ВО НУЦК „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“

Сподели на социјалните мрежи

Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 7 мај, со почеток од 20 часот, ќе се одржи концертот „Музиката на европските дворови на XVII век“ – редок културен настан што на публиката ќе ѝ понуди уникатно доживување на барокниот звучен свет.
Во организација на Центарот за култура, за првпат во Прилеп ќе се одржи концерт на клавичембало – еден од најзначајните инструменти на барокната епоха, кој ја обликувал музичката мисла и изведувачката практика во XVII и XVIII век. Овој инструмент е исклучително редок во Македонија, со само два функционални примероци според достапните податоци.
Концертот ќе го изведат Јована Топалов од Србија – меѓународно образована чембалистка од Белград со силен фокус на историски информираната изведба, и сопранот Ана Митоска од Македонија, која значаен дел од својот уметнички репертоар го посветува на раната музика.
Програмата ќе ја однесе публиката низ европските дворови на XVII век – од Англија, преку Австрија и Франција, до Шпанија. Ќе бидат изведени дела од Доменико Скарлати, Јохан Јакоб Фробергер, Елизабет Жаке де ла Гер и Хенри Персел, меѓу кои и вокалните минијатури „Music for a While“ и „What Power Art Thou“, како и драмската кантата „Сузана“.
Концертот претставува тематско продолжение на минатогодишните концерти „Дулциа Сонант“, истражувајќи го богатството на барокниот музички израз и звучниот свет на европските дворови.
Звукот на чембалото, за разлика од неговиот наследник – пијаното, се создава преку механизам на перца кои со тргање на жиците произведуваат јасен и светкав тон, карактеристичен за барокната музика.
Овој концерт е ретка можност за македонската публика да доживее чембало и глас во живо, во автентична, историски информирана изведба.
Настанот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.


Сподели на социјалните мрежи