По силниот уметнички впечаток што го остави концертот на женскиот камерен хор „Керамија“, разговараме со неговата диригентка и уметнички раководител, Катерина Попоска – музичарка чиј пат започнал уште во раната младост и се развивал низ формалното музичко образование, хорското пеење и камерното музицирање. Како дел од повеќе хорови и камерни состави, меѓу кои и триото „Acoustic Trio“, таа го градела својот сензибилитет, кој денес јасно се препознава во работата со „Керамија“. Паралелно, како наставник по музичко воспитување, таа ја пренесува љубовта кон музиката и на новите генерации. Во разговорот откриваме како сите овие искуства се спојуваат во еден автентичен уметнички израз.
Вашиот музички пат започнал уште од рана возраст. Што беше пресудно да ја изберете музиката како животен повик?
Кога растевме, на малите екрани го следевме „Златно славејче“, приредувавме училишни приредби. Не сакав многу да се експонирам во класот, но секогаш ме избираа да пеам. Од 11-годишна возраст бев дел од училишниот хор. Во тоа време хоровите беа многубројни, а постарите педагози по музичко образование инсистираа на повисоко ниво, поголема строгост и јасен кодекс на однесување за учество во хор и оркестар. Не дека денес не се држи до тоа, но сепак на учениците им се дава нешто поголема слобода.
Колку формалното музичко образование Ве обликуваше како музичар и педагог?
Формалното образование одигра голема улога во мојот развој. Во средното музичко училиште во Битола имавме можност да учиме од исклучителни педагози – теоретската насока важеше за една од најдобрите во Македонија. Под водство на проф. Снежана Марковска и проф. Пеце Митревски, како и со поддршка од проф. Василчо Пецаковски, кој и денес го пренесува своето искуство, и други професори, стекнавме силна основа. Истото важи и за кадарот на Музичката академија во Скопје, кој и денес изобилува со квалитет и креативност.
Како искуството во различни хорови влијаеше врз Вашето разбирање на хорската музика?
Тоа беше значајна надградба. Во средното образование, училишниот хор под раководство на проф. Татјана К. Ковачевска освојуваше специјални награди, што ми беше голем поттик. За време на студиите во Скопје пеев во хорот при ФМУ „Драган Шуплевски“ и во Женскиот камерен хор при МКЦ, под водство на маестро Сашо Татарчевски. Со овие ансамбли настапувавме низ Европа и таму се запознав со поинаков пристап – повисоко ниво на дисциплина и работа. Секој ансамбл е приказна за себе, а тимската работа бара посветеност и прилагодување.

Што Ви носи музицирањето во „Acoustic Trio“ во однос на хорското пеење?
Во акустичниот состав имам поголема слобода во интерпретацијата, а интеракцијата со публиката е поинаква. Овој формат привлекува поширока публика. Хорското музицирање, пак, е поинтимно – тоа е материјал што не секое уво може веднаш да го прифати. Додека акустичниот поп-рок пристап е поблизок до пошироката публика, каде секој може да се пронајде во некоја мелодија или текст.
Колку претходното искуство Ви помага во работата со „Керамија“?
Претходното искуство ми помага многу. За време на студиите се запознав со нови пристапи кон хорското музицирање. По враќањето во Прилеп, бев дел од основачите на црковниот хор „Св. Петка“ (2015-2016 г.), а диригирав и со хорот „Св. Благовештение“ ( не знам дали моментално функционира). Подоцна, четири години (2018-2022 г.) раководев со хорот при КУД „Пере Тошев“, каде што воведов свој начин на работа и се соочив со различна динамика на функционирање во тим. По кратка пауза, во 2023 година одлучив да продолжам со работа на повисоко ниво.


- Приватно музичко училиште „Алто арт“
Како денес изгледа да се пренесе љубовта кон музиката на младите?
Денешните деца растат во сосема поинакви услови – музиката им е достапна 24/7 благодарение на технологијата. Тоа носи нови предизвици, но и можности. Наставниците денес имаат поголем простор за креативен пристап. Брзиот пристап до музички примери, инструменти и концерти дава резултати. Не секој ученик ја сака музиката, но со правилен пристап – малку смеа, малку сериозност и многу музика – може да се задржи вниманието.
Дали препознавате талент кај учениците и колку е важно раното насочување?
Како раководител и наставник во приватното музичко училиште „Алто арт“ од Прилеп, во досегашната пракса можам да кажам дека талентот се препознава уште од самиот почеток кај еден ученик. Но, покрај талентот, од особено значење се правилното насочување, теоретската подлога и континуираната практична работа.
Често велиме дека 1% е талент, а 99% е вежба. Во праксата се покажало дека најталентираните деца понекогаш први се откажуваат од изучувањето музика, додека оние со помал талент, но со поголема упорност, остануваат и напредуваат. Причината е во нивната активност во процесот – тие повеќе вежбаат и се поистрајни.

Женскиот камерен хор „Керамија“ за релативно кратко време постигна значајни резултати и настапи на повеќе фестивали. Дали наградите се потврда или само дел од процесот?
Не се само наградите потврда, туку и сите досегашни настапи и концерти. Организиравме и сопствени концерти, каде што бевме домаќини на хорови од други градови, што за нас претставува особено значајно искуство.
На тие концерти настапија поп-рок хорот „Бит-Вокс“ и мешаниот хор „Стив Нумов“ од Битола, како и камерниот мешан хор „Астибо“ од Штип. Сето тоа зборува за вложениот труд, истрајноста и заедничката љубов кон музиката.
Секако, наградите се важни, но тие се само дел од процесот. За нас е особено значајно што публиката веќе нè препознава по квалитетот и нè издвојува.
Што за Вас значи духовната музика?
Духовната музика е повеќе од уметнички израз – тоа е молитва преточена во музика. Секоја композиција носи своја тежина и значење. Во хорската практика, интерпретацијата на духовна музика е показател за зрелоста на ансамблот.
Кои се Вашите планови во периодот што следи?
Периодот што следи ќе биде мошне активен. Имаме закажани бројни настапи и со акустичниот состав и со хорот, а во јуни ќе се одржи и завршен концерт со учениците од приватното музичко училиште „Алто арт“ од Прилеп.














