Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, утре (7 мај), со почеток од 20 часот, ќе се одржи концертот „Музиката на европските дворови на XVII век“ – редок културен настан што на прилепската публика ќе ѝ понуди уникатно доживување на барокниот звучен свет.
Во организација на Центарот за култура „Марко Цепенков“, за првпат во Прилеп ќе се одржи концерт на клавичембало – еден од најзначајните инструменти на барокната епоха, кој ја обликувал музичката мисла и изведувачката практика во XVII и XVIII век. Овој инструмент е исклучително редок во Македонија, со само два функционални примероци според достапните податоци.
На концертот ќе настапат чембалистката Јована Топалов од Белград, која е посветена на историски информираната изведба, и сопранот Ана Митоска, чиј уметнички израз во значаен дел е насочен кон раната музика.
Програмата ќе ја однесе публиката низ европските дворови на XVII век – од Англија, преку Австрија и Франција, до Шпанија, со дела од Доменико Скарлати, Јохан Јакоб Фробергер, Елизабет Жаке де ла Гер и Хенри Персел. Ќе бидат изведени и познатите вокални минијатури „Music for a While“ и „What Power Art Thou“, како и драмската кантата „Сузана“.
Концертот претставува тематско продолжение на минатогодишните концерти „Dulcia Sonant“, истражувајќи го богатството на барокниот музички израз и звучниот свет на европските дворови. Звукот на чембалото, за разлика од пијаното, се создава преку механизам на перца кои ги „тргаат“ жиците, создавајќи јасен и светкав тон, карактеристичен за овој стил.
Овој концерт е ретка можност за македонската публика да доживее чембало и глас во живо, во автентична, историски информирана изведба.

Изјава – Ана Митоска:
„Со особено задоволство ја најавувам посетата на чембалистката Јована Топалов од Србија, која за првпат настапува во Македонија, и за мене претставува голема чест што ќе настапам заедно со неа.
Овој настан е од особено значење за нашиот град, бидејќи за првпат пред прилепската публика ќе биде претставено чембалото, со што се отвора едно ново звучно и стилско пространство, не само во локалниот, туку и во поширокиот македонски музички контекст, каде изведбите со овој инструмент се навистина ретки.
Програмата нуди внимателно избран репертоар, при што поголемиот дел од делата ќе бидат премиерно изведени на македонската сцена. Особено се издвојува драмската кантата „Сузана“ од Елизабет Жаке де ла Гер, инспирирана од библиската приказна „Сузана и старците“, која отвора прашања за неправдата, злоупотребата на моќта и храброста да се спротивставиме – теми кои се актуелни и денес.
Досегашната соработка е исклучително инспиративна, а како уметници од различни земји, многу природно се поврзавме преку заедничкиот јазик – музиката. Ги поканувам сите љубители на уметноста да бидат дел од ова посебно концертно доживување.“

Изјава – Јована Топалов:
„Големо ми е задоволството да ѝ го претставам на прилепската публика чембалото – инструмент кој своето златно доба го доживеал во барокот.
Иако потсетува на пијано, неговиот звук е поблиску до харфа или лаутата – секој тон настанува кога мало перце ја „трга“ жицата, создавајќи чист и ѕвонлив звук. Во таа кревкост лежи неговата посебна убавина.
Програмата е замислена како пресек на музиката која одекнувала на европските дворови. Делата на Хенри Персел носат силна емоционалност и биле дел од кралските церемонии, додека Фробергер, како дворски музичар, во своите композиции внесува длабоки лични чувства.
Посебно место има и Елизабет Жаке де ла Гер, една од ретките жени-композиторки од тој период, како и Доменико Скарлати, чија музика зрачи со енергија и виртуозност.
Иако оваа музика некогаш била создадена за дворовите, верувам дека и денес зборува до сите нас – бидејќи емоциите што ги носи се безвременски.“
Концертот е во организација на НУЦК „Марко Цеков“ – Прилеп, а се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија.















