Хорот „Пере Тошев“ од Прилеп веќе четири децении претставува препознатлив дел од музичкиот и културниот живот во градот. Низ генерации хористи, бројни настапи и постојана љубов кон заедничкото пеење, ансамблот ја негува традицијата на хорската музика, но и внимателно чекори кон нови музички изрази.
Под водство на диригентката Софија Рибароска, хорот продолжува да го гради својот препознатлив звук меѓу традицијата и современоста, останувајќи верен на идејата дека музиката најсилно обединува токму кога се создава заедно.


Како денес би го опишале хорот „Пере Тошев“ во една реченица?
Група на ентузијасти, љубители на хорското пеење и дружење.
Кога и како станавте дел од овој хор и неговото водење?
Дел од хорот сум од 1991 година, кога како апсолвент немав големи обврски кон факултетот. Пред да го започнам студирањето бев член на повеќе хорови кои ги водеше наставникот Славчо Мирчески, а кој во тоа време беше диригент на хорот Пере Тошев. Едноставно го прашав дали може да се приклучам на хорот и тој се согласи.
Што значи за Вас да стоите пред еден хор со ваква долга традиција?
Голема одговорност. Наставникот Мирчески, додека бев член на младинскиот хор при Домот на културата „Марко Цепенков“, во еден случај кога самиот не можеше да диригира при еден настан, едноставно ме “замоли” да диригирам со тој хор и јас успешно го заменив. Исто така при едно гостување во Србија со тој хор, во црквата во Опленац успеав да ги соберам хористите и за да ја испееме композицијата “Тебе поем” од Мокрањац. Во тој момент некако знаев дека можам да го правам тоа. Но водењето на хорот Пере Тошев е нешто сосема друго. Јас влегов во комбинација да бидам диригент сосема случајно кога дотогашната диригентка Катерина Попоска заради презафатеност не можеше да го води хорот, да го пополнам тој меѓупростор додека не најдеме нов диригент. Но еве веќе три години не можеме да најдеме диригент, а членовите на хорот некако се навикнаа на мене и не размислуваат за таква промена и покрај тоа што јас би била посреќна како пејач. Да се стои пред хор кој добро пее, е и вистинско уживање за мене како љубител на хорското пеење и воопшто музиката.
Дали хорот денес повеќе го чува духот на традицијата или се движи кон нови музички насоки?
Репертоарот на хорот се македонски народни и староградски песни, најчесто преработени во три гласа. Тоа не значи дека сме ориентирани само на тоа. Во моментот спремаме и мал сплет од македонски евергрини и се надевам дека и тоа ќе биде успешно.
Како изгледа една Ваша проба – што е најважно во процесот на подготовка?
Имајќи во предвид дека нашето пеење е претежно акапела, почетокот на пробите е распевање. Доколку учиме нова композиција се учи дел по дел, па заедно, во зависност од комплицираноста на композицијата. За да се научи една композиција е потребно два до три месеци, но за истата добро да се испее е потребен многу подолг период. Дел од хористите не познаваат ноти, некои во минатото не пееле во хор и затоа и времето за учење е подолго.
Кои се најголемите предизвици во одржувањето на еден хор со континуитет од 39 години?
Љубов, љубов и пак љубов. Сите сме големи ентузијасти. Најголем дел од гостувањата ги финансираме сами, а некои од средствата што ги добиваме од општина Прилеп или од министерството за култура. Дружбите на патувањата што ги имаме се незаборавни и затоа се трудиме да опстанеме. Предизвикот е – да се пее добро – иако понекогаш, најчесто на пробите може да се слушне ‘фалш” и лош звук.
Колку е тешко да се мотивираат и задржат новите генерации хористи?
Многу. Сме имале повеќе повици за нови хористи, но луѓето едноставно не сакаат да дојдат, мислат дека ќе изгубат време, треба да се самофинансираат, но најмногу од сè, мислам дека се свесни дека е потребна самодисциплина. Токму самодисциплината понекогаш претставува најголем предизвик, едноставно два пати во неделата треба да доаѓаат на проби и останатите обврски во тој период добро да ги усогласат што им претставува проблем, па така и самото учење на песните трпи. Сѐ помалку млади се заинтересирани за хорско пеење што по малку ме чуди, но тоа го носи новото време.
Што најмногу Ве радува кога ќе застанете на сцена со хорот?
Како што претходно кажав, убаво, точно и со радост испеана песна, како и комуникација со публиката. Уживањето само може да се доживее, не се доволни зборови.
Кој концерт или настап Ви оставил најсилен впечаток досега?
Моето огнено крштевање беше во Бар, Република Црна Гора, на меѓународен фестивал каде и сцената и озвучувањето беа беспрекорни и навистина имавме мошне впечатлив настап. Можам да ги издвојам настапите во Штип исто така на меѓународен фестивал на почетокот на годината, настапот во Драч пред две години. Исто така пред две години имавме и самостоен концерт во големата сала на Домот на културата „Марко Цепенков“ каде добивме големи пофалби од публиката и покрај тоа што дел од неа не ни знаеше дека ваков хор постои и нè слушна за првпат. Морам да истакнам дека фактот што пееме акапела, не овозможува секогаш добар звук доколку озвучувањето не е добро, посебно ако се пее на отворено.
Каков репертоар најмногу го дефинира хорот „Пере Тошев“ денес?
Како што кажав, негуваме преработени народни и староградски македонски песни, а оваа година ќе се обидеме и со македонски евергрини.
Каква е Вашата визија – каде го гледате хорот во следните години?
Се надевам дека со повеќе вежбање ќе успееме одбраните композиции квалитетно да ги презентираме, а потоа да можеме без проблем да настапуваме како во Прилеп, низ Македонија, а зошто не и пошироко.

















