ПРЕТСТАВНИЦИ ОД ПРИЛЕПСКИОТ ИНСТИТУТ ЗА СТАРОСЛОВЕНСКА КУЛТУРА УЧЕСТВУВАА НА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИД

Сподели на социјалните мрежи

Во Охрид, на 23 мај, во Конгресниот центар се одржа научната конференција „Континуитетот на кирилометодиевската традиција изразен во Охридската книжевна школа“, на која учествуваа и претставници од Институт за старословенска култура.
Конференцијата беше организирана од Институт за македонска литература во соработка со Општина Охрид, во рамките на „Културната рута на Кирил и Методиј“, а обедини истражувачи, професори и научни работници посветени на проучувањето и зачувувањето на кирилометодиевското наследство.
На научниот собир учествуваа истражувачите Илија Велев, Маја Јакимовска-Тошиќ, Александар Василевски, Наташа Аврамовска, Соња Стојменска-Елзесер, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ели Лучевска.
Настанот беше дел од програмата со која во Охрид се одбележаа Деновите на словенските просветители Светите Кирил и Методиј. Во периодот од 21 до 24 мај, градот беше домаќин на повеќе активности посветени на кирилометодиевската традиција и Охридската книжевна школа.
Програмата вклучуваше комеморативна церемонија пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј, како и свечената академија „Од Словото до вечноста“, што се одржа во Црква Света Софија.
Со ваквите научни собири, Охрид уште еднаш го потврди своето значајно место како духовен и културен центар на словенската писменост и традиција.

Фото: ФБ на Институт за старословенска култура – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи