„ПЕДАЛИ И ПРИКАЗНИ“ УСПЕШНО ЗАВРШИ: МУРАЛ, ВЕЛОСИПЕДСКО ДЕФИЛЕ И СИЛНА ПОРАКА ОД МЛАДИТЕ ЗА ПООДРЖЛИВ ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Успешно заврши проектот „Педали и приказни“, со кој беше заокружен шестмесечниот циклус на креативни, едукативни и активистички активности насочени кон промоција на велосипедската култура, младинското учество и грижата за животната средина.
На завршниот настан присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој ја истакна важноста од поддршка на иницијативите што ги поттикнуваат младите активно да се вклучуваат во развојот на локалната заедница.


Проектот беше реализиран од Форумот за авангардна креативност – ФАК Прилеп во соработка со здружението „Go Green“, со финансиска поддршка од фондацијата HEARTEFACT и Амбасадата на Швајцарија.
Централно место на настанот имаше промоцијата на новиот мурал во дворот на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, изработен од ученици под менторство на професорот Методи Исков. Преку својата креативност и уметнички израз, младите испратија силна порака за значењето на одржливата мобилност, велосипедизмот и заштитата на животната средина. Муралот ќе остане како траен белег на нивниот ангажман и визија за подобра иднина.
Во рамки на завршницата беше организирано и велосипедското дефиле „Критична маса“, кое започна од плоштадот „Александрија“ и заврши во дворот на училиштето, симболично поврзувајќи ги јавниот простор, активниот начин на живот и граѓанската одговорност.
Настанот беше збогатен со музичка програма, настап на училишниот бенд и диџеј-сет на учениците од СОУ „Ѓорче Петров“, што уште еднаш ја потврди добрата соработка меѓу средните училишта во Прилеп.
Проектот „Педали и приказни“ остави видливи резултати и покажа дека младите можат да бидат двигатели на позитивни промени во заедницата кога ќе им се даде простор за креативност, изразување и активно учество.


Сподели на социјалните мрежи