Повеќе од седум децении КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп претставува еден од најзначајните носители на фолклорната традиција во градот и пошироко. Основано во 1947 година, друштвото зад себе има над 7.000 концерти, настапи на речиси сите континенти и бројни награди и признанија од меѓународни фестивали.
Со околу 150 активни членови во четири групи, ансамблот денес продолжува да ги негува македонските песни, ора и носии со истата страст како и неговите основачи. По реализираниот годишен концерт во НУЦК „Марко Цепенков“, разговараме со претседателот на друштвото, Горан Василески, магистер по фолклористика, вработен во ЈНУ Институт за старословенска култура во Прилеп, за впечатоците, но и за корените, луѓето и иднината на ова значајно прилепско друштво.
КУД „Мирче Ацев“ е основано во 1947 година. Како настанало друштвото и кои биле неговите основачи и први носители на идејата за организирано негување на фолклорот во Прилеп?
– Во архивата на друштвото имаме податоци дека во склоп на тутунскиот комбинат (монополот), се формирало фолклорна група, далечната 1932 година, каде играорци биле најчесто вработени во комбинатот. Покрај фолклорна група, постоело и драмска група со глумци кои подоцна биле основачи на народниот театар „Војдан Чернодрински“, имало и дувачки оркестар, литературна секција и сл. Фолклорната група при тутунскиот комбинат функционирала се до крајот на 1939 година, па направила прекин за време на Втора Светска војна. После војната, во 1947 година, на иницијатива на истите играорци кои биле до 1939 повторно се возобновила фолклорната група во склоп на тутунскиот комбинат, но овој пат под името на народниот херој Мирче Ацев. Тоа име до ден денес гордо го носи нашето друштво. Во статутот на здружението и денес стои дека како оснивач е Тутунски Комбинат а.д. Прилеп, кој беше и единствен покровител на КУД „Мирче Ацев“ Прилеп се до периодот 2006-2012 кога постепено опаѓаше соработката. Се до тогаш друштвото на секоја турнеа, настап и гостување носеше транспарент на кој пишуваше „КУД Мирче Ацев – Тутунски Комбинат Прилеп“. Во секој случај, нашето здружение има неизмерна благодарност и почит кој оснивачите и иницијаторите од тутунскиот комбинат, за идејата за основање на КУД „Мирче Ацев“ Прилеп.
Во текот на децениите низ ансамблот поминале генерации играорци, кореографи и раководители. Кои личности оставиле најсилен белег во историјата на друштвото и се сметаат за најзаслужни за неговиот развој?
– Според статистички податоци, во минатото (до 80-тите години од ХХ век) на секои 10 години се менувала поставата на играорци, игроарки и инструменталисти. Денес тој период е намален на 4-5 години. Значи од основањето до денес низ КУД „Мирче Ацев“ Прилеп оставиле трага околу 12-15 генерации играорци. Секоја генерација имала свои значајни личности, истакнати играорци, познати вокални интерпретароти, кореографи, раководители и слично. Како најзначаен за нашето друштво го истакнувам доајенот Пеце Атанасовски кој бил кореограф на КУД „Мирче Ацев“ долги години и оставил значаен белег во друштвото. Негови кореографии и ден денес ги играме во друштвото, по кои сме препознатливи меѓу друштвата низ Македонија, бидејќи постојат карактеристични фрази и чекори кои ги поставил Пеце Атанасоски, а не ги игра ниту едно друштво во државава, освен нас. Голем број од народните носии кои и денес ги поседува друштвото, и тоа оние најзначајните како мариовските носии, носиите од Скопска Блатија, Прилепско Поле, мијачките и други, датираат од периодог кога Пеце Атанасоски, заедно со Илија Лашкоски собирале оригинални народни носии од терен и ги оставиле во траен влог на друштвото. Често се менувале кореографи на друштвото, најчесто тоа биле најзаслужните и најдобрите играорци. Тука би ги издвоил Диме Билески, Паце Ристеска, Јосе Беширо, Мито, Валентина, и многу други, се до актиелниот наш кореограф и ентузијаст Славе Јовески. Од самото основање како раководители, односно претседатели биле најчесто раководни функционери на тутунскиот комбинат. Како личности за паметење кои навистина добро раководеле со друштвото би ги издвоил Благоја Стојаноски, Божидар Василески и други, па се до претходниот долгогодишен претседател и ентузијаст Атанас Гагалески. Скоро да нема семејство во Прилеп, од каде нема барем по 2-3 луѓе кои биле или се членови во КУД „Мирче Ацев“. Исто така, многу значајни вокални интерпретатори своите кариери ги започнале од нашето друштво, така на пример Гога Зафиро, Захаринка Вртаноска Милосављевиќ, Јован Брмбески, Блага Петреска, Елена Велеска и многу други. Не постои музичка група во Прилеп чии инструменталисти не биле дел од оркестарот на нашето друштво.
Дали некои од поранешните играорци денес сè уште се дел од друштвото – како соработници, поддржувачи или редовна публика на концертите? Колку е важна таа меѓугенерациска поврзаност?
– Секако, нашите поранешни играорци покрај што се наши најголеми поддржувачи и редовна публика на нашите концерти се и големи вљубеници во фолклорот и често помагаат на различни начини во здружението. Дел од нив и денес сеуште се активни и активно се вложуваат во активностите на друштвото, би го издвоил Гоце Стојаноски, како долгогодишен играорец со најголем континуитет, тука е и Жарко Стеваноски, Иле Насевски и многу други. Сеуште имаме конекции со нашите поранеши играорци, меѓутоа долг период нашето здружение немало група на ветерани, па денес е малку потешко да ја возобновиме таа група. Но, сигурен сум, доколку се најдат слободни термини и воља, ќе има голема заинтересираност од голем број на ветерани, бидејќи сите сакаат, макар на еден концерт, да се вратат во времето кога биле дел од друштвото и да застанат на сцена. Јас сум со план за следниот јубилеј, следната година кога ќе прославуваме 80 години постоење, да се посвети еден концерт само на ветераните, односно од најстарите живи играорци, па до денес, секоја генерација да изведи по еден сплет или оро на сцена. Мислам дека тоа ќе биде концерт за паметење.
КУД „Мирче Ацев“ постои 79 година. Што значи да се води ансамбл со ваква традиција и историска тежина?
– Навистина е чест да бидеш назначен за претседател на здружение кое има толку години активно работење, здружение кои има постигнати завидни резултати, здружение низ кое има поминато голем број членови, но од друга страна е и голема обврска, должност и одговорност тоа здружение да продолжи со истиот сјај, со истиот континуитет, во најмала рака да не згасни. Во склоп на здружението имаме управен одбор, со кој често одржуваме состаноци и работиме исклучиво со договор и разбирање. Се трудиме секоја година да имаме по неколку проекти, по неколку турнеи надвор од Македонија, како и доста настапи и активности во нашиот град.
Ансамблот има реализирано над 5.000 концерти и бројни турнеи низ Европа и светот. Кои гостувања или награди ги сметате за историски пресвртници за КУД „Мирче Ацев“?
– КУД „Мирче Ацев“ Прилеп во првите години од основањето било наменето како фолклорна група за потребите на тутунскиот комбинат, односно за приредување концерти и настапи кога доаѓаат делегации во комбинатот, за важни настани и јубилеи на комбинатот, за денот на тутунските работници и слично. Како финансиски напредувал тутунскиот комбинат така и КУД „Мирче Ацев“ напредувал во поглед на учества на разни фестивали низ Југославија, патувања во странство и сл. Мислам дека друштвото имало највисок подем во периодот од 1960 до почетокот на 1980 година кога учествувало на многу значајни фестивали ширум светот и притоа има освоено завидни награди и признанија. Тука ги би издвоил освоените први места на фестивалот во Ланголен, во Велика Британија во 1969 година, потоа во Миделкерке во Белгија во 1970 година, во Овиедо, Шпанија во 1970 и 1975 година, во Ница, Франција во 1979 и други. Сите овие награди и други значајни признанија ги отстапивме на Завод и Музеј Прилеп и денес се изложени во трајната поставка на роднокрајно музичко творештво. Додека тутунскиот комбинат бил финансиски моќен, друштвото имало можност, со врвни талентирани играорци да учествува на разни моќни фестивали ширум Европа и светот и да освојува завидни резултати. Како историска пресвртница би го издвоил почетокот на XXI век кога покровителството и соработката со Тутунски Комбинат Прилеп почна да опаѓа и постепено згасна. Не само нашето здружение, туку ваква пресвртница доживеаа и ракометниот и кошаркарскиот клуб, фудбалското здружение, здруженија за борачки спортови, од кои голем дел потполно згаснаа и не продолжија со работа. За среќа ние продолживме со континуитет, иако со доста потешкотии на почетокот, но полека го издигнуваме друштвото на она ниво на кое заслужува, а мислам дека, со плановите и идеите кои ги имаме, ќе го надминеме оној највисок подем од 60-тите години.
Особено значајни се настапите на големи меѓународни фестивали и манифестации. Колку тие искуства влијаат врз самодовербата и квалитетот на младите играорци?
– Секој настап е посебен сам за себе, без разлика дали тоа е во на реномиран фестивал во европските земји или на обичен манастирски собир во околината на Прилеп. Секаде се чуствува таа фамозна трема, се преплетуваат емоции и секој настап има свои анегдоти кои остануваат врежани во сеќавањата и се раскажуваат со генерации. Секој настап на свој начин влијае врз квалитетот на младите играорци, бидејќи токму преку концертирањето тие се стекнуваат со искуство, се челичат, се калат во добри играорци. Меѓутоа, како најважен сегмент кој влијае врз самодовербата, ентузијазмот и квалитетот, општо во членувањето во културно уметничките друштва, би го издвоил меѓусебното дружење и тоа она позади сцена, за време на проби, за време на патувања, заеднички средби и слично. Токму тие дружења влијаат на самодовербата, ентузијазмот и вољата за членување во фолклорни ансамбли. Тие дружења прераснуваат во трајни пријателства, а некои во љубовни врски и бракови. Има голем број на бракови кои се произлезени од нашето друштво, а и вечни пријателства и другарувања кои траат со години.
Особена чест за ансамблот беше настапот на „Галичка свадба“ во 2007 година. Какво значење имаат ваквите национални манифестации за едно фолклорно друштво?
– Токму така, во 2007 година ја имавме таа чест да настапиме со бисерите на македонскиот фолклор Тешкото и Невестинско пред огромна публика во Галичник на добропознатата манифестација „Галичка свадба“. Мислам дека врв на достигнување за секој играорец е да го изигра Тешкото во Галичник. Тоа беше ретка можност, бидејќи во изминатите неколку децении на постоење на манифестацијата „Галичка свадба“ настапуваат фолклорни ансамбли од Скопје или националниот ансамбл „Танец“, можеби затоа што голем број на иселеници од мијачкиот крај се токму во Скопје. Ние сме можеби единствени или меѓу неколкуте ансамбли кои не се од Скопје, а сме имале чест да настапиме на „Галичка свадба“. Можеби тоа се должи на фактот што ние играме малку поинаква верзија на Тешкото, поставена кај нас од страна на Пеце Атанасовски, за која многумина велат дека токму нашата верзија е првичната кореографија на Тешкото, за разлика од онаа која се игра денес во Танец и во повеќето друштва низ Македонија. А секако, за играње на тешкото треба и добри играорци, манири, чалам, држење, што нам не ни недостига.
Годишниот концерт за 2025 во НУЦК „Марко Цепенков“ е веќе реализиран. Какви се вашите впечатоци од настапот, од посетеноста и од реакциите на публиката?
– Би ги цитирал вработените на НУЦК Марко Цепенков, со кои имаме беспрекорна соработка, кои велат: Единствено КУД „Мирче Ацев“ и Сашко Коцев ги полнат салите до последно столче. Навистина не паметам да имало слободни места во редовите во големата сала во Марко Цепенков. Посебно за изминатиов концерт картите беа распродадени скоро 2 недели пред концертот, се бараше столче повеќе. Имаме навистина верна публика која со нетрпение ги очекува нашите концерти. Повозрасните играорци се нашите најважни критичари, од кои очекуваме реакции после секој концерт. Гости на нашиот концерт беа нашите пријатели од КУД „Топлица“ од Прокупље, Р. Србија со кои веќе три години остваруваме меѓусебни размени и гостувања.
Денес друштвото брои околу 150 деца во четири групи. Како се одвива процесот на селекција и едукација и како кај младите се гради љубовта кон традицијата?
– Точно, бројот секогаш варира од 120 до 170 деца, зависно од периодот. Распределени ни се во четири групи, по возраст, но и по квалитет. Селекцијата и едукацијата на младите играорци ја прави нашиот кореограф Славе Јовески, а често му помагаат и повозрасните членови. Љубовта кон фолклорот и традицијата се гради, како што потенцирав и во претходните прашања, токму преку настапите и дружењата при редовните проби. На настапите децата се стекнуваат со сценско искуство, но на пробите се стекнуваат со многу повеќе, што привлекува се повеќе и повеќе членови, од година во година. Баш овој период сме во фаза на запишување на нови играорци, па би ги поканил сите дечиња кои имаат желба да членуваат, можат да дојдат секоја Сабота од 18 часот во просториите на домот „Спиро Забрчанец“. Секако, покрај играорци, морам да потенцирам, дека прекупотребни ни се и инструменталисти, односно хармоникаши, кларинетисти, гитаристи, виолинисти и сл. Добредојдени се сите кои имаат желба да бидат дел од фолклорот, традицијата и големото семејство на КУД „Мирче Ацев“ Прилеп.
По сите реализирани турнеи, награди и јубилеи, кои се следните цели на КУД „Мирче Ацев“? Што сакате да постигнете во наредните години?
– Имаме навистина многу идеји и планови кои чекаат на реализација, меѓутоа сега конкретно сме ориентирани кон големиот јубилеј кој ни престои следната година, а тоа е јубилеј со кој ретко кое друштво во Македонија може да се пофали, 80 години постоење, традиција и континуитет. Припремите мора да започнат уште оваа година, за да имаме навистина достоен јубилеј, на ниво на кое доликува, со мноштво на активности. Моментално работам на монографија по повод 80 годишно постоење, каде ќе бидат истакнати многу историски, фолклорни, етнографски и други значајни податоци за друштвото од самото основање до денес, голем број на фотографии од настапи, турнеи, дружења и слично. Секако, следната година ќе има промоција на таа монографија. Покрај стандарден концерт со нашите сегашни членови, планираме и концерт на ветерани, потоа вокално-инструментален концерт, ревија на носии од фундусот на друштвото, заеднички концерти со гости од други градови и слично. Се надевам дека граѓаните ќе уживаат во активностите од јубилејната година на друштвото кое е поим за фолклор во Прилеп.



















