д-р Ели ЛУЧЕСКА
Институт за старословенскa култура – Прилеп
Стручен труд објавен во 2019 година
Клучни зборови: Голем петок, Богородица-Балаклија, Прилеп, Варош, Архангел Михаил
Библиско-христијанскиот култ на славата Божја е основното јадро на кое се изградени славите на светителите како едни од најважните религиски содржини преку кои се воспоставуваат патиштата помеѓу небото и земјата, помеѓу луѓето и Бог. Самиот факт што во Прилепскиот Регион уште од 5-ти век е засведочен првиот Божји храм – ранохристијанската базилика во Зрзе, како и големиот број на средновековни сакрални објекти во Варош-најстариот дел од градот Прилеп, но и континуираната изградба на православни храмови од Преродбата до денес1, недвосмислено говри за многувековното почитување и очекувањето на покровителство и застапништво пред Бога на христијанските светители од страна на локалното население. Покрај славењето на повеќебројните црковни и манастирски слави (Архангел Михаил, Голема Богородица, Мала Богородица, Воведение Богородичино, Благовештение, Св. Никола, Св. Димитрија, Св. Атанас, Св. Петар и Павле, Преображение Христово, Св. Кирил и Методиј) населението во Варош за своја заедничка слава го има, како што самите го нарекуваат, „Голем петок“, првиот петок по Воскресението Христово. Тоа е денот кој во православниот календар е посветен на чествувањето на Богородица Балаклија – Источен петок.
Поради големото општествено и културно-национално значење на варошката слава, авторот на текстов, во 2011 г., изработи предлог-елаборат за прогласување на ова културно добро за заштитено културно нематеријално наследство и го достави до Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура на Р Македонија2. Но, за жал, од за нас непознати при-чини, истото, сé уште не е впишано во Националниот регистар на заштитени културни добра.
Во продолжение го претставуваме предлог-елаборатот, во скратена верзија, при што се задржуваме само на поглавните стандардизирани елементи за изработка на елаборатите за валоризација на културното наследство.

I. ИДЕНТИФИКАЦИЈА НА ДОБРОТО НАЗИВ НА ДОБРОТО И НЕГОВА КЛАСИФИКАЦИЈА3
Називот на доброто е „Голем петок – Варош, Прилеп“, со класификација во делот на 3.1.2. – Народни обичаи и обреди, односно 3.1.2.4.2. – Манастирска слава и 3.1.2.4.6. – Маалска слава.
ОПИС НА ДОБРОТО
Празнувањето на славата започнува во манастирот Архангел Михаил, вечерта спроти празникот кога речиси сите варошани, но и поголем број на прилепчани, присуствуваат на свечената литургија, а потоа се почестуваат со обредната трпеза подготвена од монахињите кои престојуваат во овој манастир од 1998 г. (претходно средствата за трпезата се обезбедуваат од црковниот одбор). На самиот ден на славата, празнувањето започнува повторно со свечена литургија во црквата и во дворот на манастирот, која се служи од страна на монасите од Зрзевскиот манастир (пред 1998 г. од страна на локалниот парохиски свештеник). Во текот на целиот ден, во манастирот доаѓаат многубројни посетители за да запалат свеќа и за да се измијат со богородичната вода – изворот на животот „за здравје“.
На падините на манастирот има богат панаѓур, на кој занаетчиите и трговците ги нудат своите стоки и производи. Според обичајната практика посетителите купуваат по некој предмет, бидејќи „така останало, ко адет за здравје“.
Во секое домаќинство во Варош има поставено богата трпеза која освен од разните видови на солени и слатки јадења, се состои и од задолжителното обредно јадење т.н. „лута јанија“. Овој вид јанија се јавува како традиционален варошки специјалитет – манџа што се подготвува само од телешко месо, кромид, лути пиперчиња и „запршка“ (од масло, брашно и црвена пипер), која треба да биде дебела и многу масна. Домаќините преку целиот ден ги пречекуваат многубројните гости кои доаѓаат да им го честитаат „денот на варошани“ и да им посакаат добро здравје и благосостојба. Целиот празник е исполнет со празнична веселба не само на падините под манастирот туку и во варошките дворови, каде што „ечат“ тапаните и зурлите. Славењето трае до доцна вечерта, а после тоа гостите и посетителите се разотидуваат.
Потребно е да нагласиме дека во минатото на овој ден се носеле и Покрсти, но кога е изоставена оваа традиција во моментов не можеме со сигурност да потврдиме. За неа дознаваме од нашиот собирач на народни умотворби, М. К. Цепенков, кој запишал: „Освен на Свети Аранѓел, на 8 ноември, што одиме гости на манастиро, одиме и целио град и на денот од источник: во петоко на Велигденоата недела. По црковен отпус ќе појдиме сите при изворо Дабоиќ со попојте пред нас и црковните литии и икони. На Дабоиќ ќе се крсти вода и, откоа ќе целиваме крс, ние граѓаните ќе си тргнеме за в град да си одиме, а варошаните ќе се опатат со попонапре за по поле по крсти. Целата пролет, што одиме во недела со жени и деца, кое за причесна, кое за разодуање на Св. Аранѓел“4.
Според усните кажувања на повозрасните жители на Варош, на овој ден во минатото, гумното (ширината пред патот за манастирот) било како „шарена китка од разнобојни цвеќиња“ со силни одеци на тапаните од карпите. Притоа, најмногубројните гости на Голем петок, освен од Прилеп, биле и од соседните села Дупјачани, Небрегово, Забрчани, Мраморани. Тие доаѓале променети во нивните народни носии, традиција која е изумрена во текот на претходниот социјалистички период од развојот на нашава земја, главно, поради иселувањето од нивните родни огништа.
ДАТИРАЊЕ НА ДОБРОТО
Датирањето не може со сигурност да се определи, затоа што не постојат конкретни податоци во научната литература и во останатите пишани извори. Сепак, врз основа на етнографските записи од М. К. Цепенков можеме да претпоставиме дека доброто со сигурност се практикувало од средината на 19 век, или поконкретно по обновувањето на манастирот и изградбата на конаците од прилепскиот еснаф, во 1861 г., кога се појавува чудотворниот извор на Божјата Мајка: „Уште поечко се расили народот кога каза Марија (жената под чија иницијатива започнува обновата на манастирот во 1860 г. с.з.) место кај што било ајазмото. И откоа го ископаа и излезе водата, тргна целио град да види и да се измијат болни. Мнозина болни се измија од водата и оздравеа. А пак едно Турче на име Суле, терзииче, беше ошло тамо за и тоа да видит и беше плукало во изворо, беше гадило со уста и беше грабнало од дискот троа пари, та си побегнало. И, за чудо големо, беше се фатило со една рака и со една нога, јас со очи см го видел, и на дуќан ми идело“5.
ПОВРЗАНОСТ СО ДРУГО ЗАШТИТЕНО ДОБРО
Во месноста Варош се наоѓаат поголем број на споменици на културата, заштитени со закон, како црквите Св. Димитрија, Св. Никола, Св. Атанас, Воведение Богородичино, Св. Петар и Павле и манастирите Архангел Михаил и Трескавец. Исто така, просторот на локалитетот Маркови Кули е заштитен споменик на природата.
ПОСЕБНИ КАРАКТЕРИСТИКИ
- Континуитет од приближно 130 години,
- Единствена слава во чест на Голем петок (Богородица Балаклија – Источен петок) во прилепскиот и во поширокиот регион,
- Масовна посетеност,
- Секое домаќинство припрема обреден ручек т.н. „лута јанија“,
- На падината под манастирот Архангел Михаил се организира панаѓур („панаир“),
- Месноста на којашто се организира доброто изобилува со голем број на археолошки локалитети и средновековни цркви и манастири, заштитени со закон како недвижно културно наследство и
- Длабока традиција на почитување и верување во лековитоста на светата вода т.н. Извор на животот, под патронство на Пресвета Богородица, во дворот на манастирот Архангел Михаил кој, од своја страна, пак, е заштитен споменик на културата на Р Македонија.
ПОТЕКЛО НА ДОБРОТО
Славата претставува празнично-обреден комплекс поврзан со почитувањето на одреден христијански светител, кој се смета за покровител на индивидуата или колективната заедница (фамилијарна, селска, градска, црковна). Научниците, до пред извесен период, беа единствени во ставот дека славата има древен пагански производ чија основа е култот кон покојните предци и кон хероите. Но, од друга страна, потеклото на славата треба да се бара во старозаветната традиција и почитувањето на старозаветните патријарси и пророци. Божјата слава, непозната на древните антички и пагански народи, најрано е документирана во Втората книга Мојсеева (Исход) , а се споменува и во другите старозаветни и новозаветни текстови од Светото Писмо.
Оттука, според религиското и теолошкото поимање на славата на светителите, можеме да заклучиме дека таа има библиско-христијанско потекло зашто, меѓу другото, сведочи и неприсуството на какви и да било пагански или нехристијански елементи.
Во конкретниов случај, пак, потеклото на почитувањето на доброто би можеле да го поврземе со раширениот култ кон Пресвета Богородица, за што сведочат не само пишаните извори (преданија и легенди) туку и самите храмови објекти. Така, еден од позначајните споменици на културата, составен дел од почитувањето на доброто, е и манастирот Архангел Михаил за кој се претпоставува дека е изграден врз темелите на постара еднокорабна градба во текот на 12 век, а дограден во текот на 13 и 14 век. Конаците се подигнати во 1861 г. со еснафски прилози. Во дворот на манастирот, како што веќе споменавме, има извор со света вода посветена на Пресвета Богородица за кој се верува дека е особено лековит на Голем петок, денот кога се празнува Богородица Балаклија и кој е слава на населбата Варош. Култот кон пресвета Богородица е доста негуван, низ времињата, во Прилепско-варошкиот крај, а за тоа говорат и многуте цркви посветени токму нејзе. Ќе наведеме неколку: Во самата близина на манастирот се наоѓа црквата Воведение Богородичино или како што локалното население ја нарекува Богородица Пречиста, првиот утврден споменик од времето на османлискиот период; Под врвот Златоврв, пак, се наоѓа манастирскиот комплекс Трескавец со црквата Успение на Пресвета Богородица подигнат на постаро култно средиште. Црквата се датира од 13 век; Во времето на преродбата, во 1838 г., е изградена и најголемата црква во Прилеп, посветена на Светото Благовештение, еден од празниците со кои се чествува Пресвета Богородица, односно почетокот на сите Господови празници итн.
II. ПОСТОЈНА СОСТОЈБА СТЕПЕН НА ЗАГРОЗЕНОСТ
Доброто се предава од генерација на генерација и се практикува дури и од економски послабите домаќинства, поради што можеме да констатираме дека не постои степен на загрозеност. Истовремено се негува и како манастирска слава, така што манастирот освен што празнува на 21 ноември – денот посветен на Архангел Михаил, за своја слава го има и Голем петок – празникот во чест на Богородица Балаклија.
ПОТРЕБА ОД ДОКУМЕНТИРАЊЕ
Во однос на документирањето има потреба од: 1. Комплетни теренски истражувања, 2. Скенирање на постари фотографии и 3. Целосен аудио-видео запис на доброто.
ПРЕЗЕНТИРАНОСТ И ПОПУЛАРИЗИРАНОСТ НА ДОБРОТО
Доброто воопшто не е застапено во стручни и научни публикации6, ниту пак е дел од туристичката понуда на општина Прилеп или на Пелагонискиот Регион.
УПОТРЕБА НА ДОБРОТО
Доброто освен што може да претставува интерес за истражување и проучување од страна на културни и научни работници од областа на хуманистичките науки, може да се употреби и во културни, религиски, туристички и економски цели во насока на развој на урбаната средина во Прилепскиот/Пелагонискиот Регион.
III.ОПРАВДАНОСТ НА ЗАШТИТА ПРИЧИНИ ЗА ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ДОБРОТО
Воспоставување мерки на заштита и утврдување категорија на предметното добро согласно: 1. Законот за заштита на културното наследство („Сл. весник на РМ” бр. 20/04; 71/04; 115/07; 18/11; 148/11; 23/13; 137/13; 164/13; 38/14; 44/14; 199/14; 104/15; 154/15; 192/15; 39/16) и 2. Правилникот за валоризација, категоризација и ревалори-зација на културното наследство („Сл. весник на РМ“ бр. 111/05; 130/13).
ВРЕДНОСТИ И ЗНАЧЕЊЕ НА ДОБРОТО
Доброто има големо значење поради неговата културно-национална вредност, во насока на зачувување на националното духовно културно наследство на Р Македонија од една страна, и од друга страна, поради фактот што тоа претставува еден од најзначајните елементи кои придонесуваат за одржување, јакнење и развој на чувството на припадност кон дадената територијална заедница, односно има општествено-социјална вредност.
КРИТЕРИУМИ ВРЗ ОСНОВА НА КОИ Е ИЗВРШЕНА ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ДОБРОТО
Валоризацијата на доброто е извршена врз основа на член 3 од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство, и тоа според неговата етнолошка вредност.
Од критериумите кои се однесуваат на својството на доброто земени се во предвид:
- Автентичноста – изразена преку средината во којашто се практикува и којашто го опкружува, а која е прогласена за споменик на природата Маркови Кули.
- Разновидноста – изразена преку присутноста на доброто во средина каде што има поголем број на заштитени добра од областа на недвижното и движното културно наследство.
- Интегралноста – изразена преку степенот на интеракцијата на доброто со локалната средина во која се практикува.
- Зачуваноста– изразена преку степенот на задржаноста на интегритетот на доброто.
- Староста– изразена преку траењето на доброто со сигурност од околу 130 години.
Од критериумите кои се однесуваат на функциите на доброто се земени во предвид: научната, културната и комуникациската функција.
Од критериумите кои се однесуваат на значењето на доброто се земени во предвид:културно-историското, научното и општественото значење.
КАТЕГОРИЈА НА ДОБРОТО (ПРЕДЛОГ)
Согласно член 7 од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство, предлагаме акт со кој Голем петок – Варош, Прилеп ќе се прогласи за значајно културно наследство.
СУБЛИМИРАНО ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА ПРЕДЛОЖЕНАТА КАТЕГОРИЗАЦИЈА
Елаборатот предвидува заштита на празнувањето на славата Голем петок во населбата Варош, Прилеп, која се празнува на првиот петок по најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Доброто континуирано се практикува повеќе од 100 години и претставува своевиден културен идентитет на варошаните кои себеси се нарекуваат и „Маркограѓани“. Во контекст на ова тврдење би го изнесле фактот што не постои ниту едно домаќинство во населбата кое за „денот“ нема припремено обреден ручек („јанија“) и кое ги нема отворено портите за сите гости кои масовно доаѓаат од Прилеп и соседните населени места. Исто така, и манастирот Архангел Михаил длабоко ја почитува оваа традиција преку служењето на вечерна (спроти празникот) и утринска литургија (на самиот празник) и гоштевањето на верниците со скромна трпеза, вечерта спроти празникот. Под полите на манастирот, во прекрасен природно-културен амбиент секоја година има голем панаѓур, каде посетителите не само што „пазарат за здравје“, туку и се релаксираат со многубројните песни и ора.
Од овие причини предложивме културното добро да се класифицира во категоријата значајно културно наследство.
IV. РЕЖИМ НА ЗАШТИТА
Согласно член 22-а од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство за заштита и зачувување на Голем петок – Варош, Прилеп како значајно нематеријално културно наследство, се предлагаат следните мерки за нивно негување и правилна употреба:
- Едуцирање на кадар за пренесување на знаењето и вештините по пат на работилници, семинари, формално и неформално образование, односно организирање на едукативни работилници за анимирање на младото население во локалната заедница и во локалната самоуправа.
- Продолжување со истражувањата на доброто со соодветни видови и начини на современо бележење, како и стручно и научно вреднување.
- Популаризирање и промовирање на доброто со одржување на изложби, стручни собири, електронски медиуми, аудио и видео записи: а. Афирмација преку презентирање на етнодокументарни филмови или преку други електронски медиуми за стимулирање на негувањето на вакви и слични добра и во други локални и регионални средини поради сè поприсутната деструктурализација на народната култура во глобални рамки, б. Анимирање преку електронскиот печат и другите медиуми, в. Поголема ангажираност на Завод и музеј – Прилеп со свои стручни кадри, град. Локална самоуправа на Општина Прилеп да ја збогати својата официјална веб-страна и со ова културно добро.
Заклучок
Елаборатот предвидува заштита на празнувањето на славата Голем петок во месноста Варош, Прилеп, која се празнува на првиот петок по најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Доброто континуирано се практикува повеќе од 100 години и претставува своевиден културен идентитет на варошаните кои себеси се нарекуваат и „Маркограѓани“. Во контекст на ова тврдење би го изнесле фактот што не постои ниту едно домаќинство во месноста кое за „денот“ нема припремено обреден ручек („јанија“) и кое ги нема отворено портите за сите гости кои масовно доаѓаат од Прилеп и соседните населени места. Исто така, и ма-настирот Св. Архангел Михаил длабоко ја почитува оваа традиција преку служењето на вечерна (спроти празникот) и утринска литургија (на самиот празник) и гоштевањето на верниците со скромна трпеза, вечерта спроти празникот. Под полите на манастирот, во прекрасен природно-културен амбиент, секоја година има голем панаѓур, каде посетителите не само што „пазарат за здравје“, туку и се релаксираат со многубројните песни и ора. Од овие причини предложивме културното добро да се класифицира во категоријата значајно културно наследство.
_____________________________________________-
- Прилеп, Милениумско пулсирање 1014-2014, гл.ур. д-р Владимир Караџоски (Прилеп : Локална самоуправа на Општина Прилеп, ДНУ-Прилеп, 2014), 25-173.
- Архив на ЈНУ Институт за старословенска култура – При-леп, Бр. 07-229/1 од 29.11.2011 г.
- Во 2006 г. е донесена Националната класификација на културното наследство како подзаконски акт којшто прет-ставува стандардизирана форма на идентификување и систематизирање на разновидното културно наследство во Република Македонија, каде што нематеријалното културно наследство ја зазема „Класата 3“,„Службен весник на РМ“ – Меѓународни договори бр. 59/60.
- Марко К. Цепенков, Македонски народни умотворби. Преданија книга 7(Скопје 1972: Македонска книга), бр. 631
- На исто место
- Исклучок е само трудот – Ели Луческа, „Божја слава во светителите“ во Прилеп, Милениумско пулсирање 1014-2014, гл.ур. д-р Владимир Караџоски (Прилеп : Локална самоуправа на Општина Прилеп, ДНУ-Прилеп, 2014), 348-350.














