Во пресрет на јубилејното 60-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, фестивалот кој веќе шест децении ја дефинира македонската театарска сцена, разговараме со уметничката директорка Ана Стојаноска. Годинешното издание доаѓа со нови програмски концепти, засилена селекција и јасна идеја за „Храбар нов театар“, но и со прашања за иднината на домашната драмска продукција, институционалната поддршка и улогата на Прилеп како театарски центар.
Годинава МТФ „Војдан Чернодрински“ го одбележува својот 60-годишен јубилеј. Колку е предизвик да се најде баланс помеѓу традицијата и современите театарски тенденции?
Мислам дека во која било област да се најде баланс меѓу традицијата и современите театарски тенденции е сериозен предизвик. А во театар, а посебно во театарски фестивал, тоа е уште поголем предизвик. Театарот ја сака современоста и ја сака стварноста, колку и да ѝ бегал во одредени периоди. 60 години јубилеј, пред сè, само по себе се огромна обврска, чест и задоволство. Традицијата во светот на театарот се гледа во начинот на третманот на културното наследство, но и на театарскиот израз што бил доминантен и долгопрепознатлив. Современите театарски тенденции во светски рамки се малку повеќе поразлични од македонските и тука повторно има некаков дисбаланс. Сакам да нагласам уште една работа, да се направи баланс меѓу традицијата и современите театарски тенденции треба да е номинална позиција на сериозна културолошка стратегија. Од она што може да го посведочиме за македонскиот театар денес, забележуваме дека колку и да имам јас желба за добар баланс, сепак македонскиот театар не одговара соодветно. За жал, некако театарот си го поставуваме на едно не толку професионално рамниште, туку како лична своина и резултатот на тоа е тековната репертоарна состојба во македонскиот театар.
Што точно значи концептот „храбар нов театар“ во програмска и уметничка смисла на овогодинешното издание?
„Храбриот нов театар“ е мојата желба, ако тоа така може да се нарече, да им се даде смисла и крилја на младите луѓе во театарот, да бидат похрабри, да избегаат од востановените практики, да се моќни да си го создаваат својот театар, а истовремено да е врската со претходниците од кои имаме многу да учиме. Хаксли, насловот на својот роман го дал како директен цитат од Шекспировата „Бура“ и „Храбриот нов свет“ за мене го нема само дистопиското предупредување, туку и препораката да не се оди таму каде што не треба. За мене, оваа синтагма, е своевиден коментар, на тоа што денес сме соочени во однос на тоа што според мене треба да биде. Од она што мислев дека треба да го акцентирам во наративната експликација за овогодинешното мото, е тоа дека мотото на годинешното јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп логично произлезе од оваа конекција, бидејќи интимниот восклик на Миранда станува ироничен коментар на новото време преку романот на Хаксли. Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години. Кога се слави голем јубилеј како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар!
Што покажа селекцијата за оваа година – во каква состојба се наоѓа македонскиот театар денес?
Најтешкото прашање ми е ова. За разлика од мојата лична тенденција театарот да го гледам како современ коментар и рефлексија и на општествените и на уметничките достигнувања, македонската театарска практика покажа дека не сме во истомислење. Ако ги погледнете репертоарите на театрите ќе имате впечаток дека постои такво разногласие од една страна, едни те исти режисери што режираат едни те исти претстави, на трета страна, имаме сценско-визуелен израз кој не е во духот со времето. Мојата најголема болка, односот кон македонската драма исто така е под знак прашање. Мислам дека ни треба сериозен, ама многу сериозен пристап во третманот на македонскиот театар денес.
За мене, ова е една од најнекреативните сезони на македонскиот театар. Наместо да ја водиме линијата на современата светска практика, со темелен однос кон македонската театарска традиција, наместо да им дадеме шанси на младите автори и режисери, наместо да отвораме општествено важни прашања, ние сме заглавени во неинвентивни препрочити на одредени драми, фаворизираме едни режисери, немаме стратегија ниту репертоарна политика, а најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал го слави својот 60 годишен јубилеј. Ова го зборувам од позиција не само на театролог, професор на Факултетот за драмски уметности – Скопје, туку како човек што многу го сака македонскиот театар. За мене македонскиот театар е мојот идентитет. И бидејќи поминале децении мое професионално следење и на македонскиот и на светскиот театар, сметам дека е важно ова да се каже јасно и гласно. Ние имавме години кога нашиот театар беше во корелација со европскиот театар. Имавме години кога наши претстави победувале на регионални и други значајни фестивали. Сега се самозалажуваме дека сме добри, дури и одлични, се правдаме со публиката која сака да гледа квазикомедии, а не сфаќаме дека така си правиме штета сами на себе. Не, не мислам дека е лошо да се работат комедии. Комедијата е еден мошне важен театарски жанр и треба и да ѝ се пристапува професионално. Ќе заклучам дека оваа селекција ми направи најголем предизвик.
Годинава „Автор во фокус“ е Дејан Дуковски. Зошто токму тој избор и што значи неговото дело за фестивалот?
Дејан Дуковски, статистички е најпреведуваниот и најизведуваниот македонски драмски автор надвор од границите на нашата земја. Дејан Дуковски, уметнички е родоначалник на еден од доминантните трендови на постмодерниот театар во светски рамки. Дејан Дуковски е автор со кого секоја земја треба да се гоордее. Тој е еден од највлијателните македонски драмски автори, чие творештво го обележува преминот од југословенскиот кон современиот македонски театар. Неговото име е синоним за постмодерната драма во Македонија, а неговите текстови се препознаени како дел од поширокиот европски тренд на „нова драма“ или „in-yer-face theatre“. Со повеќе од сто и педесет евидентирани премиерни изведби на своите драми на сцените низ светот, Дуковски е најизведуваниот македонски автор надвор од Македонија. Освен драмски текстови, Дуковски е автор и на сценарија и драматург. Сметав дека Автор во фокус на јубилејниот фестивал треба да биде токму Дејан Дуковски. Со тоа го покажувам и мојот однос кон традицијата, со програмата Автор во фокус почнав со Коле Чашуле, основоположникот на македонската модерна драма, продолжив со Горан Стефановски, авторот што ја осовремени македонската драма и ја разви модерната драматургија на сериозно ниво, своевиден ученик на Чашуле и продолжуваме со Дејан Дуковски, ученикот на Горан Стефановски и нашиот културен амбасадор во театарскиот свет.


- Дејан Дуковски и Ана Стојаноска (автор на овие две фотографии е Симон Гегај)
Дали форматот „Драмолетање“ успева да создаде реална платформа за нова македонска драма?
Уште ја создава. За да биде успешна платформата треба сите учесници да се насочени кон идејата да е успешна реализацијата. Ние како фестивал го отворивме просторот, направивме канал за соработка меѓу авторите и продуцентите, меѓу авторите и режисерите, па со тоа сега останува на нив да ја реализираат. Драмолетање ќе се покаже како успешна платформа тогаш кога оние што треба да ја создаваат репертоарната политика кај нас ќе се отворат надвор од научените дистрибутивни мрежи и лични пријателства и одлучат дека секој добар автор заслужува шанса.
Фестивалот подготвува и документарен филм за сопствената историја. Колку е важно МТФ да ја архивира и реинтерпретира својата традиција?
Најважно е фестивалот да е чувар на македонската театарска меморија. Ние како народ некако се плашиме од архивирањето и чувањето на традицијата. Уште кога почнав да работам во тогашниот Институт за театрологија што го водеше професорката Лужина, сфатив дека една од страстите ми е да го чувам и да се грижам за театарското наследство. Интересно е тоа што се ретки луѓето во Македонија што го сфаќаат сериозно овој пристап. Ние имаме усни сведоштва и многу малку зачувани меморабилии во каков и да е формат. Затоа сметам дека фестивалот треба да работи да го архивира своето театарско наследство. Оваа година, не само поради јубилејот, сакаме да покажеме дека фестивалот е создаден и да биде чувар на театарското наследство во Македонија. Тој ја имаа таа одговорна задача, а на тие што го водат е да го чуваат и фестивалот, но и театарот во Македонија.
Колку фестивалските зони и новите простори го менуваат начинот на кој публиката го доживува театарот?
Се надевам дека е тоа многу. Сакам Прилепчани да видат дека градот може да е сцена. Сакам да го доживеат театарот насекаде. Да знаат дека не се случува само во театарска зграда, туку дека го има насекаде. Затоа инсистирав да имаме различни зони и нови простори кои на публиката би им го открила театарот на најразличен начин. Сигурно сте забележале кога е фетивалот во тек, дека некако и градот е поактивен и пожив. Интересот е и во продадените карти, во коментарите по социјалните мрежи, по дофрлањата што јас ги слушам додека се шетам низ Прилеп. Различните фестивалски зони што ги воведов во мојата програма „Враќање дома“ покажаа и покажуваат дека Прилеп е град театар, дека Прилепчани како публика веќе го имаат различниот фестивалски простор како свој.


Колку е важно МТФ да остане силно врзан за Прилеп и како ја гледате улогата на градот во неговиот идентитет?
Најважно е! МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп е фестивал на градот Прилеп. Јас сакам да верувам дека и градот Прилеп сака фестивалот да е негов. За мене фестивалот е дел од идентитетот на градот.
Годинава покровител на фестивалот е претседателот на Република Северна Македонија. Што значи тоа за фестивалот?
Тоа значи дека и највисокото државно раководство го препознава значењето на фестивалот. Нема финансиски бенефит, како што тоа е случај со највисоката финансиска поддршка што ја добиваме од Министерството за култура и туризам, но бенефитот е во препознавањето на значењето на фестивалот. Сакам да повторам уште еднаш Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп е најстариот и најзначајниот театарски фестивал во Македонија.
Колку Прилеп како град реално стои зад фестивалот и дали поддршката е на ниво на значењето што МТФ го има за градот?
Кога дојдов на оваа позиција сакав да направам мрежа на соработници и мрежа на институции и угостителски објекти кои би биле дел од фестивалската поддршка. Сметав дека градот Прилеп треба да стои зад тоа, да е свесен за важноста на фестивалот. Ова е најзначајниот и најстариот театарски фестивал кај нас. Финансиската поддршка што ја добиваме за жал е мала, бидејќи овој фестивал заслужува многу поголема поддршка и од градот Прилеп и од сите општествено одговорни компании во Прилеп и пошироко. За време на фестивалот Прилеп станува централна оска на културната мапа во Македонија. Ова е единствениот настан од областа на културата во Прилеп што треба да доминира и во односот на локалната власт и во односот на сите одговорни. Како град од кој тргнале многу важни културолошки тенденции, автори и дела, сметам дека треба фестивалот да добива уште поголема поддршка.
Кои се најголемите организациски и програмски предизвици при подготовка на едно јубилејно издание?
Најголемиот предизвик е технички – немањето уште една сцена. Сакам Прилеп да има современ театарски простор, за да не треба фестивалот да се грижи дали некоја од избраните претстави ќе ја донесе во Прилеп. Тоа е најголемиот предизвик. Не може градот со најстариот и најзначајниот театарски фестивал во Македонија да нема театарска сцена. За мене како директорка на фестивалот најголем предизвик организациски и технички е тоа да се создаде соодветен сценски простор. Програмски предизвик има во делот поврзан со мојата амбиција и со недостигот на финансиски средства. За жал, тоа што јас го замислив уште од почетокот на моето доаѓање на чело на фестивалот, не успевам во целост да го реализирам затоа што за овој фестивал се потребни многу повеќе средства од тоа што сме го добиле. Но, нема да направиме нешто помалку квалитетно, туку како и сите добри креативци ќе се прилагодиме.
По 60 години постоење, каде го гледате МТФ „Војдан Чернодрински“ во следната деценија?
Се надевам во современа театарска зграда, со комплетно осмислена програма и како национална институција.














