Михаил Јагуриноски е млад македонски пијанист од Прилеп, кој веќе активно се издвојува на домашната класична сцена. Своето средно музичко образование го завршува во Битола, а денес е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде го надградува своето пијанистичко образование и сценско искуство.
И покрај младоста, Јагуриноски има зад себе значајна концертна активност, настапи во различни камерни состави и освоени награди на натпревари. Посебен момент во неговиот развој претставува и одржувањето на неговиот прв пијано рецитал, кој означува важен чекор во неговото уметничко созревање.
Неговата музичка приказна е поврзана и со семејната традиција – неговиот татко Игор Јагуриноски е исто така музички активен, а заедно понекогаш настапуваат и пред публика, што дополнително ја збогатува неговата музичка искуствена линија.
Во ова интервју за „Клуб Деница“, зборуваме за неговите почетоци, образованието, сценските искуства, натпреварите, камерната соработка и музичките амбиции кои се отвораат пред една млада кариера во развој.
Како започна Вашиот пат со пијаното и што Ве насочи кон класичната музика?
Сѐ започна со тоа што моите родители сакаа да ме запишат на гитара во ООМУ Ордан Михајлоски – Оцка, заради тоа што првично почнав да свирам гитара инспириран од маестралниот гитарист Doug Aldrich, кој тогаш беше член на бендот Whitesnake, но бев премногу мал и требаше да почекам некоја година за да почнам да изучувам гитара. Моите родители ме запишаа на пијано, бидејќи секој музичар треба да има основно познавање на инструментот. Потоа, со тек на време, преку часовите со проф. Игор Николоски и проф. Денис Најдоски навлегов во светот на класичната музика.
Средното музичко образование го завршивте во Битола. Какво беше тоа искуство и колку Ве обликуваше како музичар?
Беше одлично искуство, ме исполни со многу знаења и во однос на изведувачката дејност под менторство на проф. Д-р Јана Четелева – Белевска, но и преку длабинско изучување на теоретските науки под менторство на проф. м-р Василчо Пецаковски, проф. м-р Гордана Трајковска и сите други професори кои ме научија на останатите теоретски науки во музиката. Искуството како ученик во Државното Музичко Училиште многу ми помогна во мојата севкупна наобразба околу музиката и во оформувањето во музичарот кој сум денес.
Денес сте студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Што Ви носи академското образование во овој период од Вашиот развој?
Носи надградување на знаењата кои сум ги стекнал досега, но и нови перспективи и нови искуства, нови настапи и солистички, во разни ансамбли, а секако и како корепетитор. Соработката со мојот драг вонр. проф. м-р Дино Имери, во чија класа сум откако се запишав на факултет, ми отвори многу нови перспективи и погледи врз пијанизмот, но и во музиката севкупно. Покрај соло пијано, изучувам и да свирам во состави преку предметите корепетиција во класа на вонр. проф. м-р Марија Вршкова и камерна музика во класа на проф. Д-р Нина Костова. Како резултат на изучувањето на овие предмети се нови соработки со различни инструменталисти и заедничка дружба преку музиката.
Кои композитори или музички стилови најмногу Ве инспирираат во Вашето свирење?
Ме инпирираат разни стилови и различни композитори, секако почнувајќи од рок и блуз музиката со која пораснав: Whitesnake, Deep Purple, Led Zeppelin, ZZ Top, Pink Floyd, Oasis и гитаристите Gary Moore, Stevie Ray Vaughan, Eric Clapton, блузери како Muddy Waters, Howlin’ Wolf, Robert Johnson…После тоа, хронолошки во мојот живот се појавија великаните на класичната музика, секако почнувајќи од таткото на музиката – Јохан Себастијан Бах, па понатаму револуционерниот Лудвиг Ван Бетовен, романтичарите – Франц Лист, Фредерик Шопен, Николај Римски – Корсаков и секако великаните на ХХ век како Дмитри Шостакович, Сергеј Прокофиев и Игор Стравински, но и композитори како Џорџ Гершвин и Николај Капустин како еден премин во џез музиката. Пред некое време навлегов во џезот слушајќи ги легендарниот вокал Ела Фицџералф, крунерите Френк Синатра и Дин Мартин и секако пијанистите Херби Хенкок, Бил Еванс и Дејв Брубек. Инспирацијата доаѓа од секаде и од универзалната убавина на музиката и дијалогот што го овозможува меѓу интерпретаторот и публиката.


Имате активно концертно искуство и веќе освоени награди. Кој настап Ви е најзначаен досега и зошто?
Секој настап е значаен сам по себе. Во припремата за секој настап вложувам сѐ од себе. Од клупските свирки со разни бендови, до големите сали исполнети со класична музика, секој настап има своја магија. Благодарен сум за секој миг на сцената, од било каков карактер.
Како ги доживувате натпреварите – повеќе како притисок или како мотивација за напредок?
Сметам дека натпреварите се одлично место за промоција на еден инструменталист пред комисијата. Најголем дел од натпреварите на кои сум учествувал биле од меѓународен карактер, па со тоа комисијата беше сочинета од пијанисти и професори од различни земји и со дел од нив соработувам до ден денес заради тие настапи. Дефинитивно има ниво на притисок, стрес и трема, чувства кои беа предизвикани од желбата да се претставам во најдобро светло, но и желба за напредок предизвикана од критиките од комисијата.
Имате одржано и повеќе самостојни пијано рецитали. Како се доживува моментот кога млад пијанист за првпат самостојно излегува пред публика?
Па првиот пат, во 2019 година, кога одржав солистички рецитал како дел од фестивалот “Прилепско Културно Лето” беше еден целосно нов свет за мене и бев доста потресен. Но и покрај тоа чувство знаев дека сакам пак да сум на сцена. Чувството на сцена е прекрасно. Тоа се моменти исполнети со многу убава енергија. Секако постои и тремата, сопатникот во сето тоа искуство. Тремата е припрема на телото за излегување на сцена. Сите музичари ја имаат и секој се справува со тремата поинаку. Сцената е местото каде што можам најискрено и потполно да се искажам себеси преку музиката и да ја споделам магијата на моментот со публиката.
Настапувате и во камерни состави, меѓу кои и со други инструменти. Како се менува Вашиот пристап кога свирите соло, а како кога соработувате со други музичари?
Музицирањето во ансамбли е едно незаменливо дружење, споделување на тој чудесен момент на сцената не само со публиката, туку и со драги колеги и пријатели. Со самото присуство на уште барем еден музичар на сцената се намалува и чувството на трема, бидејќи на некој начин е поделена. Многу сакам да соработувам особено со музичари кои се поискусни од мене, со цел да научам нешто ново.
Вашиот татко Игор е исто така музички активен и понекогаш настапувате заедно. Какво е тоа искуство – семејство и музика на иста сцена?
Незаменливо чувство, уникатно е. Музиката секогаш била присутна во мојот дом и многу често свириме со татко ми. Целосно сме вклопени, дишеме заедно. Музиката од секогаш била дијалог меѓу нас двајцата, генерално и главна тема на муабет. Татко ми ме воведе во светот на музиката и преку слушање и преку свирење и пеење и ми е првиот сопатник низ музичките патишта.
На што работите моментално и какви музички цели си поставувате за следниот период?
Следат куп убавини на интерпретативен план од различен карактер. Имам закажани солистички концерти и концерти на камерна музика кои следуваат преку лето во Ниш, Охрид, Прилеп и Рим. Деновиве имав концерт во Офицерскиот Дом во Битола заедно со оркестарот од Фаме’с Институте, под диригентска палка на маестралниот Ерик Хансен и солистите – виолинисти Миранда Ален и Џорди Прим, кој беше еден прекрасен проект и резултираше со многу дружба, нови знаења и со ново искуство за мене како дел од оркестар. Работам и на “Џез Свита бр.2” од Д. Шостакович со Симфонискиот Оркестар при ФМУ. Следат прекрасни проекти за кои сум бескрајно благодарен и едвај чекам да се остварат.
















