МИХАЕЛА ПУРДЕСКА СО НОВ УСПЕХ, ПРВАТА АВТОРСКА ПЕСНА НАГРАДЕНА НА ФЕСТИВАЛ ВО КОТОР

Сподели на социјалните мрежи

Младата и талентирана прилепчанка настапи со своја песна на фестивалот за тинејџери во Котор, Црна Гора, а композицијата ја освои наградата за најдобра композиција.
По успесите на државните натпревари за кои веќе пишувавме, младата прилепчанка Михаела Пурдеска продолжува да го гради својот музички пат. Овојпат, таа за првпат настапи со своја песна на меѓународен фестивал за тинејџери „Cattaro Teen“ во Котор, Црна Гора. Настапот беше крунисан со уште едно значајно признание – награда за композиција. По тој повод, разговаравме со Михаела за впечатоците од фестивалот, првата авторска песна и нејзините идни музички планови.

Михаела, најпрво честитки за наградата! Какво е чувството да настапиш на меѓународен фестивал со своја песна и да се вратиш со признание?
Ви благодарам многу! За мене ова е едно прекрасно и незаборавно искуство. Голема чест беше да настапам на меѓународен фестивал со своја авторска песна и да ја претставам мојата музика пред публика од различни земји. Признанието што го добив ми значи многу бидејќи е потврда дека трудот, љубовта и посветеноста кон музиката се исплатат. Оваа награда ми дава уште поголема мотивација да продолжам да работам и да создавам нова музика.

Кажи ни нешто повеќе за песната со која настапи. Како настана и што сакаш да им пренесеш на слушателите преку неа?
Песната настана од желбата преку музиката да пренесам искрени емоции и порака со која многу луѓе ќе можат да се пронајдат. Во неа се вложени многу труд, љубов и посветеност. Сакам слушателите да почувствуваат позитивна енергија и да добијат поттик секогаш да веруваат во себе, без разлика на предизвиците со кои се соочуваат. За мене музиката е начин да ги споделам моите чувства и да допрам до срцата на луѓето.

Ова беше твој прв настап со авторска композиција. Дали имаше трема и како ја доживеа реакцијата на публиката?
Искрено, немав трема бидејќи ја имав поддршката од моето семејство и другарите кои беа зад сцената и ми даваа сила и самодоверба. Тоа многу ми помогна да се чувствувам опуштено и да уживам во настапот. Реакцијата на публиката беше прекрасна и ми значеше многу што ја почувствував нивната поддршка и позитивна енергија. Тоа за мене беше едно незаборавно искуство.

Наградата за композиција е големо признание. Што значи таа за тебе и колку те мотивира за понатаму?
Оваа награда ми значи навистина многу бидејќи е потврда дека трудот и посветеноста се исплатат. Среќна сум што мојата песна беше препознаена и наградена. Ова признание ми дава уште поголема мотивација да продолжам да работам, да се усовршувам и да создавам нова музика. Верувам дека ова е само почеток и поттик за уште поголеми успеси во иднина.

Кој стои зад создавањето на песната и кому би сакала да му се заблагодариш за поддршката?
Зад создавањето на песната стојат Валентин Соклевски, кој е автор на текстот, и Борче Шабаноски, кој ги направи музиката и аранжманот. Би сакала од срце да им се заблагодарам за нивната работа и поддршка. Посебна благодарност и до мојот ментор, Денис Димоски, со кого напорно вежбавме и се подготвувавме за овој настап. Исто се заблагодарувам на мојата професорка Леонардо Богданоска Гиноска, за тоа што ги испеа бек вокалите. Секако поддршка во сето ова музичко патување добивам и од ООУ ,, Климент Охридски”. Секако, благодарност и до моето семејство и пријателите кои постојано беа покрај мене и веруваа во мене.

Дали веќе размислуваш за нови песни и настапи? Што може публиката да очекува од Михаела Пурдеска во иднина?
Да, веќе размислувам за нови песни и настапи. Публиката може да очекува уште поемотивни и позрели проекти од мене во иднина. Желбата е едно, но финските се друго. За оваа музичка нумера комплетно учествуваа моите родители. Среќа што од организаторот имавме покана и ни беше овозможено да престојуваме на нивни трошок.

Што би им порачала на младите кои сонуваат да се занимаваат со музика, но се двоумат дали да го направат првиот чекор?
На сите млади кои сонуваат да се занимаваат со музика би им порачала да не се плашат и да го направат првиот чекор. Секоја голема приказна започнува токму од храброста да се обидеш. Трема, сомнежи и грешки се нормален дел од патот, но најважно е да не се откажеш и да веруваш во себе. Ако навистина ја сакаш музиката, таа љубов ќе те води напред и ќе ти отвори многу врати.
Со талент, труд и искрена љубов кон музиката, Михаела Пурдеска чекор по чекор го гради својот пат на музичката сцена, а наградата од Котор е само потврда дека најубавите приказни допрва доаѓаат.

Автор на фотографии Немања Мариќ, „Сattaro teen“


Сподели на социјалните мрежи