ЗА ПРВПАТ ВО ПРИЛЕП КОНЦЕРТ ПОСВЕТЕН НА УДИРАЧКИТЕ ИНСТРУМЕНТИ – МАТУРАНТОТ ЈОВЕ АТАНАСОВСКИ ЌЕ НАСТАПИ ВО „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“

Сподели на социјалните мрежи

Прилепската публика в среда, на 17 јуни 2026 година, ќе има можност да присуствува на едно навистина несекојдневно музичко доживување. Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, со почеток во 20 часот, ќе се одржи матурскиот концерт на Јове Атанасовски, ученик по удирачки инструменти од Државното музичко училиште – Битола.
Станува збор за исклучително ретка можност за прилепската публика, бидејќи за првпат во градот ќе може да ужива во богатството на звуците и изразните можности на удирачките инструменти – музички правец кој ретко има простор на концертните сцени, а нуди впечатливи и несекојдневни музички доживувања.
На концертот како солист ќе настапи Јове Атанасовски, ученик од класата на проф. Кирил Мулоски, со пијано придружба на проф. Александра Пецакова, а како гостин ќе настапи и Серафим Илиевски.
Организаторите упатуваат покана до сите љубители на музиката да бидат дел од овој посебен настан, кој претставува не само матурски концерт, туку и ретка можност прилепчани да се запознаат со светот на удирачките инструменти и нивната уникатна звучна магија.
За реализацијата на концертот, организаторите изразуваат благодарност до НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, Државното музичко училиште – Битола и Музичкото училиште Прилеп за поддршката и техничката помош во организацијата на настанот.


Сподели на социјалните мрежи