Од печат излезе најновиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ (година 72, број 1/2026), продолжувајќи ја традицијата што трае од далечната 1954 година. Изданието и овојпат носи внимателно одбрана содржина од домашни и странски автори, обединувајќи поезија, проза, филозофија, книжевна критика и ликовна уметност.
Во рубриката „Поезија“ се застапени македонските авторки Оливера Андоноска и Илина Калчинске, како и избори од поезијата на Гонџа Озмен, Небојша Васовиќ, Сергиј Жадан, Алфред де Мисе и Марина Цветаева, во препев на истакнати македонски преведувачи Звонко Димоски, Владимир Мартиновски, Никола Маџиров и Елена Карпузовска.
Прозниот дел носи раскази од Иван Календар (Иван Шопов) – „Ветроград“ и „Утешителот на жонглери“, како и расказот „Како на гумно се врши жито“ од хрватскиот писател Желимир Периш, во превод на Катица Гароска.
Особено значајно место во бројот зазема текстот на Кирил Бисероски „Последниот рационалист – неколку актуелизации на филозофијата на Јирген Хабермас“, објавен по повод смртта на еден од највлијателните европски филозофи на современото време.
Во делот „Критики, есеи, студии“ читателите ќе можат да ги прочитаат текстовите на Лидија Капушевска-Дракулевска за книгата „Вообразби“ од Бранко Цветкоски, Борис Симоновски за хронотопот на пустиот остров во „Силјан Штркот“ и „Робинзон Крусо“, како и освртот на Елизабета Дерменкоска-Цефи за монографската публикација „Еден музеј на една архитектура“, посветена на 111 години од раѓањето на македонскиот уметник Ѓорѓи Ачески – Аче.
Со богата жанровска и тематска разновидност, новиот број на „Стремеж“ уште еднаш ја потврдува својата улога како едно од најзначајните македонски книжевни и културни гласила, простор каде се среќаваат современото творештво, книжевната мисла и културната меморија.
Новиот број е достапен за сите љубители на квалитетната литература, уметност и култура.
















